
Додека поголемиот дел од светските океани бележат рекордно затоплување, едно подрачје во Северниот Атлантик станува сè постудено. Научниците предупредуваат дека оваа необична појава, позната како „студена дамка“, не е добра вест, туку можен сигнал дека слабее еден од најважните климатски механизми на планетата. Доколку продолжи овој тренд, последиците нема да се почувствуваат само во Северна Европа и САД, туку и на Балканот, кој би можел да се соочи со почести суши, екстремни горештини и разорни шумски пожари.
Нова студија покажува дека мистериозната студена зона јужно од Гренланд и Исланд од почетокот на минатиот век се изладила за речиси еден степен Целзиусов. Истражувачите сметаат дека причината е слабеењето на Атлантската меридионална циркулација (AMOC) – огромен систем на океански струи што функционира како природен климатски мотор на Земјата.
Овој систем пренесува топла вода од тропските предели кон северот, каде што водата се лади, потонува и повторно се движи кон југ. Но, забрзаното топење на мразот на Гренланд внесува големи количества слатка вода во океанот, со што се нарушува процесот што ја одржува оваа циркулација.
Според научниците, доколку дојде до сериозно слабеење или дури колапс на AMOC, Европа би можела да се соочи со драматични климатски промени. Додека северниот дел на континентот би можел значително да залади, Медитеранот и Балканот би се нашле на спротивниот крај од климатската равенка.
Најновите климатски модели покажуваат дека нарушувањето на океанските струи би ги променило шемите на врнежи над Медитеранот, оставајќи го регионот под силно влијание на жешките и суви африкански воздушни маси. Тоа би значело подолги сушни периоди, поголем притисок врз водните ресурси, намалени приноси во земјоделството и значително зголемен ризик од шумски пожари.
За земјите од Балканот, каде што веќе се забележуваат сè почести топлотни бранови и проблеми со недостиг на вода во летните месеци, ваквиот развој би можел дополнително да ги продлабочи климатските предизвици. Под удар би биле земјоделството, производството на храна, лозарството, овоштарството и хидроенергетскиот сектор.
Авторите на студијата нагласуваат дека ладењето не е ограничено само на површината на океанот, туку е регистрирано и во подлабоките слоеви, што дополнително ја засилува тезата дека зад феноменот стојат длабоки промени во океанската циркулација.
Професорот Стефан Рамсторф од Универзитетот во Потсдам, еден од авторите на истражувањето, оценува дека сите досегашни показатели упатуваат на влијанието на AMOC и дека системот денес е веројатно најслаб во последните илјада години.
Аналитика








