
Договорот со „Бехтел и Енка“ беше претставен како стратешки проект за Македонија, но дали начинот на кој беше спроведен отвора дилеми за корозивен капитал? Во поткастот „Каде се парите? со Горан Теменугов“, Анамарија Велиновска од Институтот за демократија објаснува дека и инвестиции од пријателски земји можат да ги користат истите механизми како класичните примери на корозивен капитал – директни преговори, нетранспарентност и менување закони за еден инвеститор. Се отвора и прашањето дали Македонија направи преседани што подоцна може да ги бара секој следен инвеститор. Разговорот отвора сериозна дилема – каде е границата меѓу стратешко партнерство, легална инвестиција и корозивен модел за влез во државата.
„Не е класичен пример на корозивен капитал. Меѓутоа ги користи истите принципи кои што ги користат други инвестиции кои што ги сметаме како класични примери. На пример, законите како што ги спомнавме, лех – специјалис за да влезе Бехтел – Енка, директни преговори, нетранспарентни, не беа објавени договорите до последна финална фаза, се гласаше во Собрание без да го имаат крајниот договор и така натаму. Меѓутоа, не капитал, директен капитал како инвестиција која што влегува во државата. Меѓутоа, се користеа, се заобиколуваа сите оние правила кои што би требало да се користат и да се применуваат кога имаме ваков конзорциум кој што сака да влезе во државата..“
Аналитика








