ПОВЕЌЕ

    Целосно обновениот оперативен блок ќе ги намали листите на чекање во „8 Септември“

    Време зa читање: 4 минути

    Со инвестиција од 12 милиони евра преку ТАВ-програмата, Градската општа болница „8 Септември“ доби целосно реновиран оперативен блок, кој опфаќа седум специјализирани операциони сали, интензивна нега, патологија, клинички лаборатории, административни простории и целосно обновена покривна конструкција. Реновираниот дел ќе почне да функционира по завршување на дезинфекцијата, обуката на персоналот и добивањето употребна дозвола од надлежните институции.

    Директорот на ГОБ „8 Септември“, Синиша Стојановски, истакна дека станува збор за капитален проект што ќе остане за идните генерации и најави дека следуваат неколку задолжителни фази пред блокот да биде пуштен во употреба.

    „Она што сега ќе се направи е обезбедување на стерилни услови и комплетно запазување на условите за асепса и антисепса. Ова е можеби последен пат кога цивилни лица ќе имаат пристап до овој дел од болницата. Вториот момент е опремата за која ќе има потреба нашите вработени што се дел од оперативниот блок да поминат адекватни обуки. Следува фазата кога сите надлежни инспекторати ќе треба да го поминат просторот, да издадат употребна дозвола за ние како корисници да имаме право да направиме технички прием. Со каква динамика ќе одат сите овие процеси ќе информираме. Првите интервенции што ќе ги направиме ќе бидат презентирани“, нагласи Стојановски.

    Според него, новиот оперативен блок би можел значително да ги намали листите на чекање, но за тоа ќе биде потребно дополнително кадровско екипирање и подобра регионализација на здравствените услуги.

    Министерот за здравство Азир Алиу оцени дека болницата добива инфраструктура по светски стандарди.

    „Ова не е само реконструкција на ѕидови, туку на начинот како ги креираме и планираме политиките во здравството“, рече Алиу.

    За премиерот Христијан Мицкоски овој проект е значаен исчекор за македонското јавно здравство, а условите што се создадени се на ниво какво што нема во регионот.

    „Пред да се случи реконструкцијата во операционите сали се влегуваше со чадор. Кога врнеше, покривот течеше. Она што сега не можете да го видите, а исто беше опфатено со реконструкцијата, е целосната обнова на покривната конструкција, каде што се сместени клима-коморите, но исто така и делот во кој се чилерите и другата електромеханичка опрема во подножјето на објектот. Кога сето тоа ќе се заокружи, ќе ја добиеме целината, која е нешто модерно и современо, што не постои во регионот и за кое како граѓани треба да се гордееме“, потенцира Мицкоски.

    Тој додаде дека во следните еден до два месеци ќе се реализираат преостанатите формални процедури, вклучително и дезинфекцијата на просторот и обуката на медицинскиот персонал за работа со новата опрема.

    Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, истакна дека операционите сали и просториите за интензивна нега се опремени согласно најсовремените медицински стандарди и препораките на Светската здравствена организација.

    „Веруваме дека секој пациент заслужува достоинствени услови за лекување, а секој здравствен работник заслужува современи услови за работа. Со оваа поддршка сакаме да придонесеме токму за тоа – подобра грижа, поголема ефикасност и повисок квалитет на здравствените услуги“, изјави Курт.

     

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично