Одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) да ја запре постапката за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, премиерот Христијан Мицкоски ја примил со „шок и неверување“. За случајот разговарал со државниот јавен обвинител Ненад Савески, кој не бил запознаен со одлуката на ОЈО ГОКК.
„Тој ме информираше дека не бил информиран за оваа одлука на ОЈО ГОКК што го води Ислам Абази и претпоставувам дека по вложената жалба од страна на ЕСМ случајот ќе биде преразгледан и вратен на повторна анализа“, изјави Мицкоски.
Но, ако тоа не се случи, тогаш вели премиерот, Обвинителството дефинитивно ќе го загуби својот кредибилитет.
Истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, тешка 167 милиони евра и отворена против 13 лица, е запрена од ОЈО ГОКК со оцена дека нема докази за кривично дело и дека набавките биле спроведени во рамки на законските исклучоци за време на енергетската криза. Со ова, без обвинение останаа сите осомничени, меѓу кои сопствениците на „Пуцко петрол“ и на РКМ, Асмир Јахоски и Ратко Капушевски, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство.
Ислам Абази треба веднаш да поднесе оставка бидејќи го затвори предметот за сомнителната набавка на мазутот, со што правдата повторно е во служба на СДСМ и ДУИ, обвини денес пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
„Овој скандалозен случај и одлуката на шефот на ЈО ГОКК, Ислам Абази, е доказ за големото влијание кое што Венко Филипче, Али Ахмети и Зоран Заев се уште го имаат во добар дел од обвинителството и судството“, нагласи Милошоски и доаде дека „одлуката не била заснована на правни, туку на политички мотиви“.
Тој ја коментира и вчерашната изјава на Абази со која ги отфрли обвинувањата за политичко влијание, нагласувајќи дека во својата работа не вршел притисок врз обвинителите.
„Ислам Абази лаже, затоа што како шеф на ЈО ГОКК, надлежен е еднаш неделно да добива брифинг од подредениот обвинител, за ваквите крупни случаи, а исто така овластен е доколку некој понизок обвинител реши дека не сака, или смета дека нема основ ваков случај да се води, Ислам Абази може да одлучи, случајот да продолжи да се гони, или да го предаде во надлежност на друг обвинител“, тврди Милошоски, дополнувајќи: „Станува збор за предмет од висок јавен интерес кој требаше да заврши на суд, а не да се затвори во Обвинителство“.
Исто така, тој посочи дека ваквото постапување создава недоверба во институциите и отвора прашања за доследноста на правосудниот систем.
Од друга страна, од ОЈО ГОКК вчера соопштија дека по едногодишна истрага не е утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои се гони, ниту дека постои друго кривично дело што се гони по службена должност. Оттаму наведоа дека биле анализирани обемна документација, финансиски извештаи, договори и сведочења, но дека доказите не го потврдиле основаното сомнение.
Истрагата беше покрената пред нешто повеќе од една година, по пријава од Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), при што 13 лица беа осомичени за злоупотреба на службената положба и за перење.
„Во периодот од 2021–2023 година двајца осомничени, во својство на основачи и управители на кривично одговорното правно лице свесно повредувајќи ги прописите за постапката за јавен повик за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино поднеле невистинита документација. Со намера да го изиграат договорот не ги извршиле обврските и ги повредиле правилата остварувајќи корист од големи размери за кривично одговорното правно лице, а на штета на државниот буџет во износ од околу 167.549.985 евра“, објавија тогаш од ОЈО ГОКК.
Аналитика








