
Во момент кога светската економија чувствува силен притисок од блокираниот Ормуски теснец и растечките цени на енергенсите, Иран испрати неочекуван предлог до Вашингтон, подготвен е да го прекине застојот во еден од најважните морски коридори во светот, но само доколку САД ја укинат блокадата врз земјата и стави крај на војната.
Според двајца регионални претставници запознаени со преговорите, понудата била пренесена до Американците преку Пакистан и предвидува одложување на разговорите за иранската нуклеарна програма за подоцнежен период. Но токму тоа се смета за главна пречка за договор, особено откако американскиот државен секретар Марко Рубио јасно порача дека Вашингтон нема да прифати решение што не го адресира нуклеарното прашање.
„Не можеме да им дозволиме да се извлечат“, изјави Рубио за „Фокс њуз“, нагласувајќи дека секој можен договор мора трајно да го спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје.
Иако меѓу САД и Иран формално е на сила кревко примирје, тензиите околу Ормутскиот теснец остануваат високи. Водниот пат, низ кој минува околу една петтина од глобалната трговија со нафта и гас, стана централна точка на геополитичкиот судир. Американската блокада има за цел да го пресече извозот на иранска нафта, но истовремено создава ризик Техеран да биде принуден да го намали производството поради недостиг на складиштен простор.
Во меѓувреме, кризата веќе ги тресе светските пазари. Цената на суровата нафта Брент надмина 108 долари за барел, речиси 50 проценти повеќе од почетокот на конфликтот, додека танкери натоварени со нафта остануваат заглавени во Заливот. Последиците се чувствуваат и пошироко, од поскапување на горивата до раст на цените на храната и ѓубривата.
Притисокот врз американскиот претседател Доналд Трамп дополнително расте, особено пред среднорочните избори, бидејќи скапата енергија почнува да има и политичка цена. Во исто време, американските сојузници од Заливот бараат брзо отворање на теснецот, а десетици држави во заедничка иницијатива предводена од Бахреин повторно повикаа на слободен поморски сообраќај.
Во дипломатската игра се вклучија и Русија и Пакистан. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во понеделник се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во Санкт Петербург, додека Исламабад продолжува да посредува во обидите за обновување на директни разговори меѓу Техеран и Вашингтон.
Според извори вклучени во посредувањето, Иран паралелно се обидува да го убеди и Оман да поддржи механизам за наплата на патарини од бродовите што минуваат низ теснецот, потег што дополнително би ја искомплицирал ситуацијата.
Трамп во саботата откри дека Техеран испратил „многу подобар“ предлог, но без да открие детали. Сепак, тој повтори дека Иран не смее да поседува нуклеарно оружје, сигнализирајќи дека без напредок на тоа поле, договорот останува далеку.
Во позадина на дипломатските маневри, хуманитарната цена на конфликтот продолжува да расте. Илјадници загинати во Иран, Либан и Израел, нови напади и покрај примирјето, како и предупредувањата на Обединетите нации за празни резервоари, празни полици и продлабочување на кризата, ја прават оваа понуда повеќе од геополитички маневар, можеби и последен обид да се избегне нова ескалација со глобални последици.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








