Македонија како држава, веќе два месеци е пример за начинот како се справуваме со оваа енергетска криза. Ова е увезена криза, поради геополитичките случувања. „Ние сме една од ретките држави којашто направи вака робусна мерка, веднаш“, изјави денес премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за кризата со енергенсите, за тоа дали ќе се врати ДДВ-то за дизелот и дали претходната одлука беше преуранета со оглед на тоа што цените повторно пораснаа. „Со тоа успеавме да го задржиме нивото на едни пристојни граници. Како Влада којашто две години жилаво се бори да ги исправи грешките правени со децении, успеавме при еден конструктивен, офанзивен пристап, да задржиме ценовна стабилност.“
„Успеавме да не дозволиме како многу пати во минатото да бидеме на дното, туку напротив да бидеме на врвот според процентот на мерки од нашиот бруто домашен производ. А од друга страна да немаме ценовни шокови, ни инфлации со двоцифрен број проценти како што тоа впрочем беше во 2022 година“, истакна македонскиот премиер, потсетувајќи дека оваа енергетска криза е поголема од сите три претходни енергетски кризи и таа 2022-та и тие од 70-те години, заедно.
Притоа Мицковски го најави и поевтинувањето на дизелот кое денес го објави и Регулаторната Комисија, отприлика за 2-2,5 денари, бидејќи минатата недела просекот беше таков на плац во ФОБ Италија, што за нас, како што рече, претставува репер берза.
„Очекувам и мало зголемување на бензините“, рече Мицковски, но тука веќе ДДВ-то ни е 10%. И оваа недела останува на 10%. Кон крајот на неделата ќе ги правиме математиките, па ќе носиме одлуки како понатаму. Останува во функција до крајот на април попустот што го договоривме со ОКТА.
Аналитика








