Објавен е тендерот за избор на надзор за третата фаза од железничката пруга кон Бугарија, а во рок од 10 дена ќе биде објавен и тендерот за избор на изведувач, по што во текот на летото се очекува почеток на теренските активности на потегот од Крива Паланка до заедничкиот тунел со Бугарија, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Пред состанокот за активностите и плановите за проектите на Коридорот 8, кој се одржува во соработка со Делегацијата на Европската унија во Скопје, тој нагласи дека динамиката на проектот се забрзува.
„Во однос на заедничкиот тунел работите се одвиваат добро и се надевам дека за брзо време и таму ќе почнат активностите. Втората фаза се одвиваше со едно успорено темпо, сега и таму ги надминуваме проблемите, сите 16 тунели веќе се пробиени и очекувам некаде од 2028 година и втората фаза, потегот од Бељаковце до Крива Паланка да го завршиме, а првата фаза од Куманово до Бељаковце веќе е во функција. Денес ќе разговараме и за западното крило“, рече Николоски.
Исто така, додаде дека на состанокот ќе се отвори и прашањето за западното железничко крило на Коридорот 8, како и за патните делници кои се дел од него“, нагласувајќи дека се разгледуваат и реконструкција на делот Скопје – Тетово – Кичево и натамошно железничко поврзување кон Албанија. Во однос на западниот правец, Николоски потенцираше дека напредокот ќе зависи и од активностите на албанската страна.
„Како што реков и за автопатското поврзување со Албанија тоа важи и за железничкото поврзување. Ако видиме дека Тирана прави напори на терен да се изгради нејзиниот дел од коридорот ние ќе направиме напор да ги изградиме автопатот и железницата до Ќафасан“, рече Николоски, изјави тој.
Воедно, информираше и дека работите на заедничкиот тунел со Бугарија зависат од институционалните и политичките процеси од другата страна на границата, но дека планот за реализација до 2030 година останува непроменет.
Според него, изградбата на целиот железнички и патен Коридор 8 ќе чини околу пет милијарди евра, при што нагласи дека станува збор за комплексен, но стратешки важен инфраструктурен проект.
„Државата покажува дека може да спроведува големи инфраструктурни проекти“, рече Николоски.
Бен Нупнау од Делегацијата на Европската унија во Скопје оцени дека проектот има пошироко регионално и безбедносно значење, особено во услови на геополитичка нестабилност. „Состанокот е потврда за заложбата на Владата за спроведување на проектите од Коридотот 8“, посочи Нупнау.
Аналитика








