Наплатата од увоз на тутун и тутунски производи бележи значителен раст на почетокот на годината. Во првото тримесечје, во државната каса се слеале 2,82 милијарди денари, односно 45,7 милиони евра, што е за 11 милиони евра повеќе во однос на истиот период лани.
Паралелно со растот на приходите, засилени се и контролите на терен. Во осум одвоени акции се спречени обиди за шверц, при што се запленети над еден милион парчиња цигари и 225,6 килограми различни тутунски производи – од сецкан тутун до наргиле и никотински ќесички. Во четири случаи е поведена и предистражна постапка, со кривични пријави против четири физички и едно правно лице.
Од Царинската управа велат дека ваквите активности имаат двојна цел – полнење на буџетот и заштита на здравјето на граѓаните, но и создавање фер услови на пазарот.

„Нашата улога не е само да контролираме, туку да заштитиме, да спречиме и да покажеме дека законот важи подеднакво за сите. Компаниите што работат законски мора да имаат сигурност и предвидливост. Нашата улога е да обезбедиме услови во кои чесното работење е предност, а за нелојалната конкуренција, нема простор“, изјави директорот Бобан Николовски.
Тој нагласува дека одговорноста не е само на институциите, туку и на сите учесници во царинските постапки – од транспортери до увозници и патници.
„Само според законот. И само тогаш ќе можеме да зборуваме за систем. Сѐ друго ќе биде само импровизација“, посочува Николовски, додавајќи дека целта е институцијата да делува превентивно, а не само да реагира во дадени ситуации.
Аналитика








