Македонска пошта доби 100 нови товарни возила, инвестиција што треба да донесе побрза и поефикасна достава на пратките и да го подобри функционирањето на ова државно претпријатие. Набавката опфаќа 90 пикапи и 10 комби возила, со што значително се обновува возниот парк, чија просечна старост досега изнесувала околу 15 години.
На промоцијата на возилата присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и директорот на Пошта, Орхан Куртиши.
Вицепремиерот Николоски истакна дека ова е прв чекор кон создавање профитабилна и конкурентна пошта, која ќе понуди поквалитетни услуги на пазарот. Тој посочи дека со електронска аукција цената на набавката е намалена од 130 на 104 милиони денари без ДДВ, што значи заштеда од над 400.000 евра.

„Со новите возила ќе се забрза доставата, што е основната дејност на Пошта. Нашата цел е да ја зголемиме ефикасноста и да ги намалиме трошоците за 15 проценти, како и да ја подобриме профитабилноста“, изјави Николоски, најавувајќи и дополнителни инвестиции во софтвер и современа опрема.
Премиерот Мицкоски оцени дека набавката претставува „нов почеток“ за институцијата која со години работела со застарена опрема и со намалена ефикасност. Според него, старите возила предизвикувале чести дефекти, доцнења во доставата и незадоволство кај граѓаните.
„Ова е одговор на реална потреба. Со новите возила ќе се намалат трошоците за одржување, ќе се зголеми продуктивноста и ќе се подобри квалитетот на услугата“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека оваа инвестиција е дел од поширока стратегија за модернизација на јавните услуги и зајакнување на институциите, со цел Македонска пошта повторно да стане сигурен сервис за граѓаните и партнер за бизнисите.
Владата најавува дека во наредниот период ќе следуваат нови вложувања, со цел зголемување на ефикасноста и конкурентноста, особено во услови на раст на електронската трговија и дигиталната трансформација.
Аналитика








