
Буџетот на државата во првиот квартал од годинава покажува стабилност и солидна наплата, со раст на приходите и засилена динамика на капиталните инвестиции. Според најновите податоци, финансиските текови во првите три месеци од 2026 година се движат во позитивна насока, што упатува на подобрена фискална дисциплина и економска активност.
Вкупните буџетски приходи достигнаа 81,2 милијарди денари, што е зголемување од 5,7 проценти во однос на истиот период лани. Раст бележат и даночните приходи, кои се повисоки за 4,7 проценти, при што најизразен е скокот кај данокот на добивка – 23,6 проценти, како и кај данокот на личен доход, кој е зголемен за 12,3 проценти.
Значително зголемување има и кај повратот на ДДВ, кој е повисок за 17,3 проценти, при што кон стопанството се вратени вкупно 12 милијарди денари. Истовремено, приходите од увозни давачки се зголемени за 9,1 процент, што дополнително ја потврдува засилената економска активност.
Позитивни трендови се забележуваат и кај неданочните приходи, кои во првиот квартал се повисоки за 16,4 проценти во споредба со истиот период минатата година.
На расходната страна, вкупните расходи достигнаа 106,3 милијарди денари, што претставува раст од 18,4 проценти на годишно ниво. Особено се издвојуваат капиталните расходи, кои во првите три месеци достигнаа 8,3 милијарди денари – дури 196,5 проценти повеќе од лани, што укажува на засилена реализација на инфраструктурни и развојни проекти.
Од Министерство за финансии најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со внимателно и одговорно управување со јавните финансии, со фокус на поддршка на економијата и реализација на приоритетните инвестиции.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








