
Во сенка на растечките тензии на Блискиот Исток, Европа повторно се наоѓа пред старото прашање: колку е навистина подготвена за нов енергетски шок. Токму поради ова, министрите за енергија на земјите членки на Европска Унија утре ќе одржат вонреден онлајн состанок, со цел да ги разгледаат ризиците и можните заеднички чекори во услови на зголемена глобална неизвесност.
Средбата, како што соопшти Совет на ЕУ, ќе биде фокусирана на координација и размена на информации, без очекувања за конкретни одлуки. Сепак, самиот факт што Брисел повторно свикува итни разговори сигнализира дека загриженоста расте, особено поради можните нарушувања во снабдувањето со енергија.
Стравувањата не се без основа. Блискиот Исток останува клучна точка за глобалниот енергетски систем, а секое заострување на кризата веднаш се прелева на пазарите. Европа, иако значително ја намали зависноста од руски гас по 2022 година, и натаму останува силно зависна од увоз на нафта и течен природен гас, што ја прави чувствителна на надворешни шокови.
Дополнителен аларм веќе беше вклучен минатата недела, кога министрите за финансии од еврозоната одржаа сопствен вонреден состанок. По него, европскиот комесар за економски прашања Валдис Домбровскис предупреди дека кризата може да има директни економски последици. Според неговите проценки, економскиот раст во еврозоната оваа година би можел да биде за околу 0,4 процентни поени понизок од претходните прогнози, додека инфлацијата би можела да порасне за околу еден процентен поен.
Ако кризата потрае, сценариото станува уште понеповолно. Домбровскис не ја исклучува можноста растот да се намали за 0,6 проценти и оваа и следната година, нагласувајќи дека станува збор за ризична проценка, а не официјална прогноза. Но пораката е јасна – енергетските шокови повторно се враќаат како главен економски фактор.
Во меѓувреме, Европска комисија објави работен документ во кој отворено предупредува дека Унијата се соочува со ризик од прекини во снабдувањето. Особено ранлив останува транспортниот сектор, кој и понатаму во голема мера зависи од нафта и нафтени деривати.
Иако Европа во изминатите години направи значителен исчекор кон диверзификација – со зголемен увоз на течен природен гас од САД и Катар и засилени инвестиции во обновливи извори – сегашната криза покажува дека енергетската транзиција сè уште не е доволно длабока. Според последните европски податоци, повеќе од половина од енергетските потреби на ЕУ и натаму се покриваат со увоз, што ја остава изложена на геополитички ризици.
Токму затоа, Брисел повторно ја става електрификацијата во центарот на решението. Европската комисија нагласува дека преминот кон економија базирана на електрична енергија со ниски јаглеродни емисии не е само климатска цел, туку и клучен инструмент за енергетска безбедност. Развојот на обновливи извори, складирањето на енергија и намалувањето на зависноста од фосилни горива се гледаат како единствен долгорочен одговор на ваквите кризи.
Во ваков контекст, утрешниот состанок можеби нема да донесе конкретни мерки, но јасно покажува дека Европа влегува во нова фаза на претпазливост. Прашањето веќе не е дали ќе има нов енергетски притисок, туку колку силен ќе биде – и дали Унијата ќе успее навреме да се прилагоди.
Аналитика








