ПОВЕЌЕ

    Реформа што носи повисока пензиска сигурност, пример од соседството

    Време зa читање: 6 минути

    На почетокот на март бугарскиот парламент усвои длабоки и суштински реформи, со што демонстрираше вистинска грижа за идните пензии на своите граѓани и се доближи до стандардите на водечките европски и светски пензиски модели. Ова искуство е корисна референца и за нашиот систем, кој постепено се движи во насока на модернизација.

     

    Зошто е важна пензиската реформа?

    Општо познат и колективно согледан факт е дека населението старее и дека се соочуваме со значајни демографски предизвици. Од аспект на нашите идни приходи по завршувањето на работниот век, гледано отсега, повеќе од важно е да сме свесни за следново:

    • доброволното пензиско осигурување е нужност, а не само опција,
    • задолжителното пензиско осигурување бара континуирано следење и усогласување со промените, и
    • пензискиот систем мора да се развива како одговор не само на демографските предизвици, туку и на промените на пазарите на капитал со сите можности и ризици кои истите ги носат.

     

    Што точно се менува за идните бугарски пензионери?

    Промените во дизајнот на бугарскиот пензиски систем се во насока која е конзистентна со моделот на најуспешните пензиски системи во светот, кои со причина се повеќестолбни. Имено, колегите од пензиските друштва кај нашиот источен сосед во период од три години активно беа вклучени во креирањето на предлог-законски измени каде особено се издвојуваат воведувањето на мултифондови, проширувањето на можностите за инвестирање на пензиските фондови, како и унапредувањето на рамката за користење на современи алатки за управување со ризици. Сите овие промени имаат за цел повисока пензиска акумулација на членовите на овие фондови, како извор на примања во иднината која ирационално одбиваме да ја замислуваме.

     

    Како функционираат мултифондовите?

    Со воведувањето на мултифондови, кои инаку Хрватска ги воведе пред повеќе од десет години, се овозможува членовите на пензиските фондови да бидат распределени во подфондови како компоненти од сега постојните “универзални“ задолжителни фондови, во кои средствата ќе бидат распределени во основа според возрасни групи. За подфондовите со помладо членство се предвидува поризично портфолио кое на долг рок треба да донесе повисок принос. Поризичното портфолио логично кореспондира со подолгиот временски, односно инвестициски хоризонт на оваа група. За најстарите членови пак, регулативата предвидува конзервативно инвестирање на нивните пензиски заштеди, со цел заштита на пензиската акумулација со истовремено настојување за зачувување на куповната моќ на истото.

     

    Распределба по возраст и ризични профили

    Според прифатениот предлог од страна на бугарскиот парламент на 5. март годинава, во Бугарија почнувајќи од 1 јануари 2027 година, кај задолжителните пензиски фондови се воведуваат мултифондови, кои ќе бидат дизајнирани според следниве правила, кои, заради можноста за избор која им се остава на членовите, повеќе имаат карактер на препораки отколку на правила:

    Поголема флексибилност за членовите

    Важно е да се истакне дека законските измени се осмислени така што ги почитуваат и индивидуалните преференции на секој член. Иако законодавецот предлага „стандардна“ распределба на средствата во подфондови со различно ниво на ризик според возраста, истовремено е оставена можност секој член сам да го избере подфондот што најдобро одговара на неговите потреби. Конкретно:

    1. Во врска со иницијалната дистрибуција на членови по возрасни категории, членовите ќе можат сами да го направат овој избор. Автоматската распределба според возрасни категории ќе важи само за оние кои нема да направат личен избор.
    2. Дополнително, по воведувањето на мултифондови, секој член ќе може еднаш годишно да го промени подфондот, доколку процени дека неговите потреби или ризичен профил се промениле.

    Ова е особено важно, затоа што секој човек има различен ризичен профил и различни цели.

    Пошироки можности за инвестирање

     

    Покрај воведувањето на мултифондови, законските измени во Бугарија ги прошируваат и можностите за инвестирање обезбедувајќи можности за дополнителна диверзификација на вложувањата. Имено, инвестицискиот универзум се проширува со вклучување на алтернативни инвестициски фондови и учество во вложувања во инфраструктурни проекти. Имајќи ги предвид актуелните и релативно свежите случувања, јасно е дека можноста за вложување во фондови преку кои се обезбедува изложеност кон берзански стоки како што се златото, нафтата, пченицата и слично, претставува значаен чекор напред за системот.

    Во делот на доброволни пензиски фондови, либерализацијата е на уште повисоко ниво, со тоа што бројноста и дизајнот на подфондовите зависи од проценетата потреба која ја утврдуваат самите пензиски друштва.

    Современи алатки за управување со ризици

    Како дел од новата регулатива, Бугарија ја доуредува и веќе воспоставената можност за употреба на современи алатки за управување со ризици, преку додефинирање во делот на финансиските деривати. Целта е јасна – поголема стабилност и заштита на пензиските заштеди, особено во услови на зголемена пазарна волатилност. Овие инструменти се користат исклучиво за хеџирање и намалување на ризиците, што овозможува поодржлив раст на пензиските портфолија на долг рок.

     

    Кај сме и што можеме да научиме од регионот

    Воведувањето на мултифондови и проширувањето на инвестицискиот универзум е нешто на што институциите на системот работат и кај нас и нешто за што постоеле обиди, напори и дискусии и претходно. За пензиските друштва ваквата радикална, а на долг рок позитивна промена, би значела значајни напори и дополнителни трошоци во спроведувањето на промените и понатамошното работење. Сепак, имајќи ги предвид искуството, познавањата на проблематиката, свесноста за нужност од развој на системот и фидуцијарната одговорност, пензиските друштва во континуитет вложуваат напори за движење на регулативата во оваа насока и ги ставаат на располагање своите капацитети во интерес на членовите и пензионираните членови.

    Бугарија и Хрватска ни се и блиску и далеку по многу параметри, но се одличен извор на искуства во делот на пензиските системи што се потврдува и преку меѓународни признанија на нивните успеси:

     

    • Според Глобалниот Пензиски Индекс на Mercer и CFA Institute во 2025та година хрватскиот пензиски систем е повисоко рангиран од пензиските системи на Германија, Австрија, САД, Јапонија, Шпанија, Ирска итн.
    • Според рангирањето пак на Allianz во средината на 2025та година, Бугарија е одлично позиционирана во подиндексот за Одржливост, каде водечката позиција ја дели со Данска и Индонезија.

    Нашиот пензиски систем не е вклучен во овие рангирања, но низата награди и признанија на домашните пензиски друштва на европско ниво низ годините се потврда дека истите имаат капацитет, волја и подготвеност за промени кои е нужно да бидат воведени на начин кој ќе обезбеди позитивни долгорочни ефекти врз пензиските заштеди.

     

    Татјана Бојковска, CFA, CAIA

    Член на Управен одбор на Сава пензиско друштво а.д. Скопје

    Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично