
Тргнувањето на новата ера на човечки мисии кон Месечината повторно е ставено на пауза. Ракетата SLS, која треба да ја изведе мисијата „Артемис II“, ќе биде вратена од лансирната рампа 39Б во Вселенскиот центар „Кенеди“ во зградата за склопување возила, откако инженерите открија проблем со протокот на хелиум во горниот степен на ракетата. Овој потег практично ја елиминира можноста за лансирање во март и го насочува вниманието кон априлските термини.
Само еден ден претходно, по успешната генерална проба со полнење гориво, претставници на НАСА изразуваа умерен оптимизам дека мисијата би можела да полета на 6 март. Тестот беше оценет како успешен, особено затоа што беа надминати претходните проблеми со истекување на водород – хронична слабост што ја следи програмата „Артемис“ уште од 2022 година и мисијата „Артемис I“. Но, веднаш по завршувањето на пробата се појавил нов проблем: хелиумот, кој е клучен за притисок на резервоарите и прочистување на горивните линии, престанал да тече како што е предвидено.
Хелиумот има суштинска улога во системот бидејќи останува во гасовита состојба и при екстремно ниските температури на течниот водород и кислород и не реагира хемиски со нив. Без негов правилен проток, ракетата не може безбедно да се подготви за лансирање. Контролорите засега не утврдиле дали причината е неисправен вентил, проблем со филтер или дефект на системот за брзо исклучување, но јасно е дека поправките можат да се изведат само во хангар.
Администраторот на НАСА, Џаред Исакман, посочи дека без оглед на точната причина, пристапот до системите бара враќање на ракетата во VAB. Тоа, пак, отвора нова дилема: дали самото преместување на масивната ракета тешка 3,5 милиони фунти ќе предизвика нови механички напрегања и евентуално повторно ќе ги активира проблемите со водородните заптивки.
НАСА сега го насочува погледот кон април, со потенцијални датуми на почетокот и крајот на месецот, а се разгледуваат и термини во мај и јуни. Сепак, останува неизвесно дали по поправката ќе биде потребна уште една генерална проба со гориво, што дополнително би го пролонгирало распоредот.
Кога конечно ќе полета, „Артемис II“ треба да ги однесе астронаутите Рид Вајсман, Виктор Гловер, Кристина Кох и Џереми Хансен на десетдневно патување околу Месечината – прво човечко патување во длабоката вселена по завршувањето на програмата „Аполо“ во 1972 година. Но, како што покажува досегашниот тек на подготовките, патот назад до Месечината останува технички сложен и полн со непредвидливи предизвици.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








