Македонскиот деловен амбиент и понатаму претставува тест за издржливост, особено за малите и средни претпријатија. Нестабилните пазарни можности, променливата побарувачка и зголемените трошоци ја наметнуваат потребата од постојано балансирање меѓу опстанокот и ризикот. Во таква средина дел од фирмите се соочуваат со намалена економска логика за продолжување на активноста.
Смислата за натамошно опстојување минатата година не ја пронашле сопствениците на 4.446 фирми, што е повеќе во споредба со 2024 година, кога биле згаснати 3.773 субјекти, но значително помалку од критичните 2021 и 2022 година, кога бројот се приближуваше до прагот од 7.000 затворени фирми. Податоците застапени во анализата на порталот Пари, покажуваат дека по силниот удар врз бизнис-секторот во 2025 година има стабилизирање, но не и целосно закрепнување на деловната активност.

Извор: БизнисМрежа
НАЈМНОГУ ПРОПАДНАТИ БИЗНИСИ ИМА ВО СКОПЈЕ
Во главниот град се отвораат, но и се затвораат најмногу фирми. Минатата година тоа им се случило на 1.413 деловни субјекти, што е повеќе во однос на 869-те регистрирани фирми во 2024 година. Бројката ја надминува состојбата од 2023 година (1.440 згаснати фирми), но е подобра од 2022 година и тогашните 2.299 згаснати фирми.
Катанци заиграле и во Тетово ‒ 271 лани наспроти прекланските 221. Влошена е состојбата и во Прилеп, каде лани згаснале 202, а годината пред тоа 181 фирма.
Пооптимистичка е сликата во Битола. Затворени се 252 фирми, што е подобар исход во однос на 2024 година (281 згасната фирма) и овој град се спуштил едно место подолу на табелата. Во Куманово состојбата е речиси непроменета, додека Струга бележи минимално зголемување.
Покрај наведените, уште во седум градови има над 100 затворени фирми: Охрид (182), Гостивар (174), Струмица (124), Кавадарци и Кичево (109), Штип (108) и Велес (105).

Извор: БизнисМрежа
НАЈКРИТИЧНО Е КАЈ ФИРМИТЕ ДООЕЛ
Каде што има најголем прилив, таму има и најголем одлив. Како и во делот на отворањата, така и кај затворањата, од аспект на правната форма доминантни се ДООЕЛ. Повеќе од половината (53,7 %) од згаснатите фирми во 2025 година се основани од едно лице. Бројката, пак, од 2.387 фирми е уште една потврда за ранливоста на микро и малите бизниси.
Во ставката „друго“ се запишани 983 згаснувања, по што следуваат трговците поединци (573) и ДОО (451). Поголемите компании имаат поголема отпорност на внатрешни и надворешни шокови – минатата година згаснале 8 акционерски друштва.

Извор: БизнисМрежа
ПРЕСВРТ ВО ПРЕТПРИЕМНИШТВОТО: Повеќе бизнис со 9.476 нови фирми
НАЈМНОГУ ФИРМИ СЕ ГАСАТ ВО ТРГОВИЈАТА
Најмногу затворени фирми има во трговијата на големо и мало – 1.265. Веројатно, дел од причините за тоа може да се лоцираат во директната зависност од куповната моќ, која воопшто не е на завидно ниво. Во тој ред се и нелојалната конкуренција, набавните цени и другите трошоци… На листата следуваат преработувачката индустрија (489) и дејностите поврзани со домаќинствата (470). Значителен број згаснати фирми има и во угостителството (375), административните услуги (336) и градежништвото (313).

Извор: БизнисМрежа
ОПАСЕН БИЛ ДЕКЕМВРИ
Во секој од изминатите 365 дена, во просек, биле елиминирани по 12,2 фирми. Згаснувањето фирми е карактеристично како појава во декември. Последниот месец од годината бил судбоносен за 995 бизниси. Високи бројки се забележуваат и во февруари (647 згаснати фирми).
Во останатиот дел од годината месечните згаснувања најчесто се движат меѓу 230 и 340 фирми. Најмалку „настрадани“ деловни субјекти има во август (189 згаснати фирми), а помалку критични биле и јуни и септември.

Извор: БизнисМрежа
Опстанокот на бизнисите не зависи од месеците во годината и од поставеноста на ѕвездите, иако има примери како што е јапонскиот, каде што и за деловните потфати се консултираат Кигаку-советниците. Затворањето фирма не е изолиран настан, туку краен чин ‒ резултат на временски акумулирани проблеми и притисоци коишто постепено го стеснуваат просторот за одржливо работење. Во многу случаи, посегнувањето по катанецот претставува рационален чекор.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Халк банка никој не ја стига во привлекување на новоотворени фирми
Аналитика








