
Познатата меѓународна дигитална платформа фокусирана на патувања, Matador Network, ја прогласи Туркије за најдобра велнес дестинација, на доделувањето на годишните награди за туризам Travel Awards за 2025 година. Оваа платформа денес се смета за еден од највлијателните онлајн медиуми за современите патници, особено меѓу младите. Наградата е потврда дека велнес-туризмот во Туркије доживува сѐ поголем развој, со силна основа која земјата ја има во вековната традиција на амами и лековити термални извори, но и со новите модерни спа-центри и јога-одмори. Практично, на туристите им се нудат холистички пакети, за нивна целосна благосостојба и релаксација. Проценките говорат дека во светски рамки велнес-туризмот во периодот од 2024 до 2029 година ќе има стапка на раст од 9,1 отсто, откако само во 2023 година велнес-туристите оствариле 1.034,5 милиони меѓународни и домашни патувања.

Амамот, традиционална турска парна бања, е најпознатото велнес искуство во Туркије. Тие помагаат во прочистување на кожата и елиминација на токсините, создавајќи чувство на смиреност и ослободување од стрес, а можат да се најдат низ целата земја, од Истанбул, па сѐ до Бурса. Дел од нив се сметаат како историски знаменитости, како што е Zeyrek Çinili Hamam во Истанбул, вброен меѓу Највеличествените места во светот според списанието Time. Во градовите и крајбрежните ресорти, пак, традиционалните бањски ритуали се комбинираат со иновативни велнес практики, како што се терапевтски масажи, медитација, јога и техники на дишење, програми за контрола на телесната тежина, како и ароматерапија.
Многу популарни се и дестинациите со термални извори, богати со минерали и со температура на водата од 20 до 110 степени целзиусови, кои со векови се користат како дополнителна терапија за ревматизам, кожни заболувања или васкуларни болести, но и за релаксација. Термалните ресурси на Туркије се рангирани на прво место во Европа, а во светот на седмата позиција. На Европската рута на историски термални градови се наоѓаат Афјонкарахисар, Бурса и Памукале, но термални центри има и низ многу други локации, како што се Анкара, Агри, Болу и Кападокија.

Егејскиот и медитеранскиот брег, пак, особено Измир, се познати по благата клима и бавниот ритам на живот. Бодрум се смета како врвна дестинација за детокс-одмори за подобро здравје, со специјализирани клиники кои им овозможуваат на гостите да се ресетираат и да воспостават рамнотежа, па затоа е омилен и меѓу познатите личности од меѓународниот џет-сет. Всушност, овој град е симбол на префинет луксуз. Анталија, пак, се нарекува срце на Медитеранот, а заеднички им се сончевите денови, тиркизните води, хотелите од светска класа и софистицираните велнес центри. На нивните посетители им се препорачува концепт на „тивок одмор“ или quietcation, на кој би се исклучиле од дигиталниот свет и повторно би се поврзале со природата. Ова се надополнува и со специјализирани регенеративни понуди, меѓу кои се издвојува таласотерапијата, односно третмани со морска вода, морска клима и морски производи, достапна во луксузните ресорти.
Аналитика








