
По неколку години стагнација и внимателно темпирани надградби, глобалниот пазар на паметни телефони во 2025 година повторно покажа знаци на живот. Умерениот раст не дојде од традиционалните, заситени пазари, туку од земјите во развој, каде што побарувачката се засили паралелно со економското заживување. Во таков амбиент, се случи и пресврт што ретко се гледа во индустријата, промена на лидерската позиција на светско ниво.
Според најновите податоци на Counterpoint Research, глобалните испораки на паметни телефони пораснале за 2 проценти на годишно ниво во 2025 година. Најголемиот добитник од тој раст е Apple, кој за првпат по повеќе од една деценија се искачи на врвот на светскиот пазар, надминувајќи го својот долгогодишен ривал Samsung.
Apple ја заврши 2025 година со пазарен удел од 20 проценти, што е највисок меѓу петте водечки брендови. Аналитичарите овој успех го поврзуваат пред сè со силната продажба на серијата iPhone 17, но и со стабилната побарувачка во средните и растечките пазари како Индија, Југоисточна Азија и Јапонија. Дополнителен импулс даде и таканаречениот „одложен циклус на замена“, бидејќи милиони корисници кои ги пролонгираа надградбите за време на пандемијата, токму лани решија да купат нов уред.
Од другата страна, Samsung се најде на второто место со удел од 19 проценти. Иако јужнокорејската компанија забележа солиден годишен раст, поддржан од моделите од сериите Galaxy S и Fold, послабите резултати во Латинска Америка и Западна Европа не ѝ дозволија да ја задржи лидерската позиција. Сепак, компанијата остана цврсто позиционирана на клучните пазари и го задржа статусот на најголем конкурент на Apple.
Третата позиција ѝ припадна на Xiaomi, со пазарен удел од 13 проценти. Кинескиот производител продолжи да расте благодарение на балансираната понуда на уреди и агресивната стратегија на пазарите во развој, каде што нуди напредни функции по пониски цени. Во исто време, Vivo забележа умерен раст, додека Oppo се соочи со пад на испораките, особено во Кина, иако делумно го компензираше тоа со подобри резултати во Индија, Африка и Блискиот Исток.
Иако 2025 година донесе позитивни сигнали, прогнозите за иднината се повнимателни. Од Counterpoint предупредуваат дека 2026 година може да биде потешка за индустријата, поради недостиг на чипови и раст на трошоците за компоненти. Производителите на полупроводници сè повеќе им даваат приоритет на центрите за податоци и развојот на вештачка интелигенција, што може да го ограничи снабдувањето за мобилните уреди.
Сепак, годината што помина покажа дека и во зрел пазар како оној на паметни телефони, рамнотежата може брзо да се промени. Комбинацијата од нови модели, растечки пазари и променети навики на потрошувачите беше доволна за Apple повторно да го преземе водството, барем засега.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








