
Комерцијална банка информира дека е забележана измамничка кампања со испраќање лажни пораки по електронска пошта, при што испраќачите лажно се претставуваат во име на Банката.
Како што наведуваат од Банката, во пораките се испраќа „известување за плаќање“, а е прикачен и фајл кој содржи злонамерен софтвер. Со отворање на прикачениот фајл, примателите се изложуваат на ризик од неовластен пристап до лозинки и доверливи информации што се достапни на уредот.
Од Комерцијална банка апелираат граѓаните да не го отвораат прикачениот фајл и пораката веднаш да ја избришат. Според соопштението, целта на ваквите измамнички пораки е прибирање сензитивни податоци и/или инсталација на злонамерен софтвер на уредот.
Воедно, Банката дава и препораки како да се препознаат лажни пораки. Како најчести индикатори се наведуваат пораките што бараат итна реакција и се повикуваат на „важни“ теми, како приливи или одливи на средства, опасност од губење пристап и слично. Дополнително, лажните пораки често содржат граматички и правописни грешки, а корисниците се советуваат задолжително да го проверат називот и домејнот на e-mail адресата на испраќачот и внимателно да ги следат советите за препознавање злонамерни пораки.
Аналитика








