Со вкупно 289,2 милијарди денари или 4,7 милијарди евра располагале останатите финансиски институции (ОФИ) на крајот од третиот годинешен квартал. На износот му претходел тримесечен раст од 5,1 насто, што во апсолутен износ значи дополнителни над 14 милијарди денари, односно околу 227,8 милиони евра. Притоа, зголемувањето на годишно ниво е за 19 насто. Таквите движења најголемиот стимул го добиле од пензиските фондови, а забележително биле зголемени и средствата во осигурителните друштва и инвестициските фондови. Позитивни движења се остварени и кај останатите потсектори, наведуваат од Народната банка.
Најголемиот дел од тие пари се вложени во должнички (51,1 %) и во сопственички хартии од вредност (26,6 %). Како што се посочува, најголемиот дел од обврските се однесува на техничките резерви на осигурувањето (52,2 %) и на капиталните сметки (38,0 %).
Средствата на останатите финансиски институции учествуваат со 22,1 процент во средствата на финансиските институции.
Најмногу пари – 186,3 милијарди денари (3,03 милијари евра) има во пензиските фондови, чиј удел во вкупниот биланс на ОФИ е високи 64,4 отсто. Овде се вброени и задолжителните и доброволните фондови, чиј раст во третото тримесечје е од 5,2, а годишниот за 17 насто. Таквите промени првенствено произлегуваат од повисоките вложувања во видовите хартии од вредност.
Следуваат осигурителните друштва, кои во вкупните средства партиципират со 14,7 отсто. Нивниот фонд на средства е во износ од 42,6 милијарди денари (692,8 милиони евра). Растот имал квартална стапка од 2,3 насто и годишна од 12,2 насто, а се должи на зголемените инвестирања и во хартии од вредност, како и на зголемените валути и депозити и технички резерви на осигурувањето.
Инвестициските фондови третиот квартал го заокружиле со 27,1 милијарда денари (440,9 милиони евра. Во тој период нараснале за 9,8 проценти, додека на годишна основа се регистрирани плус 50,9 проценти. Како што посочуваат од Народната банка, „во најголем дел поради повисоките вложувања во сопственички хартии од вредност, валутите и депозитите и должничките хартии од вредност“.
Работењето во претпоследното годинешно тримесечје ги зголемило средствата на финансиските друштва за 5,5 насто и тие достигнале 14,9 милијарди денари (242 милиони евра). Годишниот исчекор е измерен со 21,2 проценти. Нивните средства во поголем дел се побарувања од исплатените кредити. Се работи за сума од 12,7 милијарди денари или 206,4 милиони евра, чиј тримеесечен раст е за 4,4, а годишниот за 20,4 насто.
Квартален раст од 4,2 и годишен од 18,9 проценти се регистрирани кај вкупните средства на друштвата даватели на финансиски лизинг. На крајот од септември се работело за износ од 15,4 милијарди денари (250,5 милиони евра). И овде кредитите се најзначајниот чинител со 11,8 милијарди денари (192,2 милиони евра). Овие средства се зголемиле за 4,8 насто квартално и за 19,3 насто годишно.
Кај друштвата за управување со пензиските и инвестициските фондови кварталното зголемување од 1,5 насто е резултат на „зголемените валути и депозити, останатите побарувања и сопственичките хартии од вредност“. Годишниот раст изнесува 9,5 насто. Располагаат со 2,8 милијарди денари (46,4 милиони евра).
(Фото: Christoph Scholz, CC BY-SA 2.0, Wikimedia Commons)
Аналитика








