
Замислете технологија која истовремено е најбараната алатка на компаниите, но и најголемиот кошмар за луѓето чија професија е да пресметуваат ризици. Ова не е сценарио од научна фантастика, туку реалноста што ја живее осигурителната индустрија. Додека фирмите трчаат да вградуваат вештачка интелигенција во секој дел од работењето, големите осигурители буквално повлекуваат рачна сопирачка.
Неколку гиганти од индустријата – меѓу нив Great American, Chubb и WR Berkley – побараа од американските регулатори дозвола да ги исклучат сите обврски поврзани со вештачката интелигенција од корпоративните полиси. Ова е драматичен сигнал. Компании кои без проблем осигуруваат нафтени платформи, нуклеарни централи и вселенски мисии одеднаш велат: „Ова нè надминува“. Еден од директорите отворено изјави дека моделите на вештачка интелигенција се „премногу црна кутија“ за да може да се пресмета ризикот. Тоа е студен туш за технологија што се смета за иднината на бизнисот.
Причината не е една голема исплата или некоја конкретна катастрофа. Проблемот е системскиот ризик, сценарио во кое еден широко користен модел на вештачка интелигенција ќе погреши и истовремено ќе предизвика илјадници тужби и штети кај компании што се потпираат на него. Како што образложи еден извршен директор од Aon, осигурителите можат да покријат штета од 400 милиони долари на една фирма. Она што не можат е истовремено да платат 10.000 такви штети ако истата грешка се повтори кај сите корисници на ист модел.
И веќе гледаме примери што ја хранат оваа загриженост. Google преку својот AI Overview лажно обвини соларна компанија за правни проблеми, резултатот беше тужба од 110 милиони долари. Чет-ботот на Air Canada измисли попуст кој авиокомпанијата мораше да го испочитува. Најекстремно, измамници создадоа дигитална копија од гласот и ликот на извршен директор, го намамија персоналот преку видео повик и украдоа 25 милиони долари од реномирана британска фирма.
Овие случаи се само капки во океанот на потенцијални ризици. Замислете што би значело ако широко користен модел од Google, OpenAI или Microsoft направи сериозна грешка. За разлика од традиционален инцидент, кој погодува една компанија, дефект на АИ систем може во ист момент да удри во илјадници корисници ширум светот. Ова е сценарио за кое осигурителните модели едноставно не се изградени.
Токму затоа осигурителните компании се повлекуваат токму во моментот кога претпријатијата најмногу ја зголемуваат својата зависност од АИ. Многу фирми веќе ги имаат земено овие системи во операции како услуга за корисници, анализа на податоци, автоматизација и финансии, често без да сфатат дека нивните постојни полиси не ги покриваат ризиците што може да произлезат од грешки или злоупотреби на вештачката интелигенција.
Се создава парадоксална ситуација. Технологијата што треба да ги прави компаниите посилни, поефикасни и попаметни, одеднаш го зголемува нивниот неосигурлив ризичен профил. Некои фирми може да се најдат во апсурдна позиција да мораат да избираат меѓу користење на АИ и можноста да имаат целосно осигурување. Други ќе треба самите да си го покриваат ризикот, без да знаат како да го пресметаат.
Лојдс од Лондон се обидува да го пополни вакуумот нудејќи специјализирани полиси за вештачка интелигенција, но нивните премии веќе зборуваат колку е непредвидлива оваа нова категорија ризик. Ако големите играчи не сакаат да учествуваат, тоа значи дека проблемот е подлабок од стандардната индустриска претпазливост.
Сега сите погледи се свртени кон регулаторите. Ако дозволат исклучување на АИ обврските, тоа ќе означи официјално создавање на нова класа ризик кој се смета за неосигурлив. Тоа би можело да го забави усвојувањето на АИ во бизнисите и да ја разниша вербата во технологијата чиј развој се движи со заплашувачко темпо.
Во моментов, пораката од осигурителната индустрија е многу појасна од сите технолошки презентации и оптимистички извештаи: ќе ви ги осигуриме зградите, податоците, кибер нападите и грешките на луѓето. Но не и грешките на вашата вештачка интелигенција. И ако тие што живеат од пресметување ризик велат дека АИ е премногу опасна за да ја допрат, можеби е време сите да се запрашаме дали брзината со која ја усвојуваме оваа технологија е оправдана – и што ќе нè чини ако не е.
(Фото: Wikimedia Commons)
Аналитика








