Уставниот суд по сопствена иницијатива поведе постапка за линеарното зголемување на пензиите, односно за членот 2 од законското решение, со кој се суспендираше претходнта методологија за усогласување на пензионерските примања со растот на инфлацијата и на просечната плата. При што во втор план се ставија годините на стаж и висината на уплаќаните придонеси.
„Постапувајќи по овој предмет, на предлог на судијата-известител Добрила Кацарска, Судот одлучи по сопствена иницијатива да поведе постапка за член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалиското осигурување, објавен на 29.07.2025 година во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.154/25.
Станува збор за одредба со која се зголемуваат пензиите (во јавноста познато како линеарно зголемување), односно со оспорениот член 2 правото на редовно месечно усогласување на пензиите пресметките направени врз основ на порастот на плати и трошоци на живот се заменети со линеарна распределба на вкупниот износ на средства за сите прензионери подеднакво, без оглед на стекнатата и остварената висина на пензијата, стажот и уплатениот придонес.
Судот го имаше предвид фактот дека усогласувањето на пензиите е право на осигуреникот што му гарантира социјална сигурност во рамките на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со што се остварува и уставната гаранција за социјална сигурност на граѓаните“, се вели во соопштението на уставните судии.
Воедно, се нагласува дека во оваа фаза од постапката, Судот изразил сомнеж дека со оспорениот член се нарушени уставните принципи за социјална праведност, еднаквост на граѓаните, како и правната сигурност и легитимните очекувања како правни принципи.
„Имено, се постави прашањето дали оспорената одредба продуцира дискриминација по основ на износот на пензија и нееднаквост помеѓу примателите на пензии, односно оние пензионери кои имале подолг работен стаж, повисоки уплати во пензискиот систем и повисока основица, добиваат помало зголемување на пензиите, наспроти пензионерите со пониските пензии.
Пензијата е стекнато имотно, индивидуално право и согласно член 30 од Уставот правото на сопственост е гарантирано и никому не може да му биде ограничено или одземено. Следствено на ова, пред Уставниот суд основано е поставено прашањето дали со оспорената одредба се ограничува правото на сопственост на пензионерите со повисоки пензии“.
Во таа насока, уставните судии се повикуваат на Европскиот суд за човекови права во Стразбур:
„Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој низ своите пресуди наведува дека за целите на членот 14 (забрана од дискриминација) од Европската конвенција за заштита на човековите права, разликата во третманот е дискриминирачка доколку ‘нема објективно и разумно оправдување’, односно ако не ја остварува ‘легитимната цел’ или ако не постои ‘разумна врска на пропорционалноста помеѓу употребените средства и целта што треба да се реализира’.
Со поведувањето на постапка за оценување на уставноста на оспорениот член, Уставниот суд ќе испитува дали законското решение е оправдано и во доволна мера избалансирано“.
Аналитика








