
Париз 2015 не беше финале, туку стартен сигнал. Десет години подоцна, во Белем се гледа колку забрза чистата енергија и колку полека умираат старите навики. Парискиот договор ја сврте кривата на иднината. Од свет што галопираше кон 4°C до крајот на векот, проекцијата сега е поблиску до 2,6°C. Тоа не е победнички круг, но е драматично свртување. Истовремено, прагот од 1,5°C практично се лизна од раце, не затоа што ветувањата исчезнаа, туку затоа што емисиите предолго растеа, а климата не простува.
И токму тука почнува парадоксот на деценијата: додека катастрофите стануваа поостри од ураганот што ја распарчи Јамајка оваа есен до глечерите што се повлекуваат во Алпите, реалната економија забрза во спротивна насока. Сонцето и ветерот ги надминаа сите прогнози, обновливите извори во првата половина на 2025 година го прескокнаа јагленот како водечки извор на електрична енергија, а соларната енергија расте темпо што пред десет години ќе звучеше како фантастика. Електричните возила веќе одгризуваат милиони барели дневна нафтена побарувачка, а инвестициите во чиста енергија се двојно поголеми од оние во фосилните горива.
Политиката, и покрај потресите, созреа. Се множат рамковните климатски закони, нето-нултите цели покриваат најголем дел од глобалната економија, а јавната поддршка е стабилно висока — глобално супермнозинство бара посилна акција. Да, имаше и чекори наназад, па дури и цинични обиди да се свитка науката. Но договорите и судовите полека ја бетонираат правната основа: обврската да се намали загадувањето станува сè помалку морална желба, а сè повеќе правен императив.
И покрај тоа, бројките не дозволуваат самозадоволство. Емисиите не се свртени остро надолу; само нивниот раст драматично забави. За да „останеме живи“ и надвор од зоната на опасности, моментумот мора да стане свиткување на целата крива – побрза елиминација на фосилните горива, подлабоки инвестиции во земјите во развој и фер транзиција за работниците и заедниците. Добрата вест? Работните места во чистата енергија веќе ги надминаа оние во фосилниот сектор, а технологијата поевтинува побрзо од политиката што ја регулира.
Париз не беше крај на фосилните горива. Беше стартен пиштол на долго трчање во кое светот научи две едноставни вистини: секој тон избегнат CO₂ значи помал ризик утре, и секоја година одложување ја поскапува правдата. На масата во Белем лежи истото зелено чеканче – симбол, но и потсетник. Ако оваа деценија ни ја украде удобноста, ни подаде нешто повредно: доказ дека свртувањата што некогаш изгледаа неверојатни се веќе рутина. Следниот удар со чеканот треба само да го претвори тој доказ во дефинитивен пресврт.
Аналитика








