
По повод традиционалниот избор на најдобри банкарски работници што го организира Македонската банкарска асоцијација по повод Денот на штедењето, оваа година признанието му припадна на повеќе истакнати професионалци од банкарскиот сектор.
Од Стопанска банка А.Д. Битола, признанието го доби Бранкица Дамевска, која со својата посветеност, професионализам и одговорност се истакна меѓу колегите.
На прашањето како се станува најдобар и што значи ова признание, Бранкица истакна:
„Да бидеш најдобар не значи само да ги исполнуваш очекувањата, туку да ги надминуваш. Потребно е постојано учење, адаптирање на промените во секојдневието и конкретно во банкарскиот сектор. Важно е да се работи со посветеност, да се развиваат и усовршуваат комуникациските вештини и да се применува етика која ја цени довербата. Оваа награда е потврда на мојата посветеност и напорна работа во моите четири години работење во Стопанска банка А.Д. Битола, и ќе биде поттик за мене да продолжам со уште поголема одговорност и посветеност. Голема благодарност до мојата банка за препознавањето и поддршката. Оваа награда е доказ за успехот на стратегијата, како и за посветеноста на банката кон развојот на потенцијалот на своите вработени, за континуираниот раст во секторот во кој делуваме“, истакна Дамевска за порталот Пари.
Во името на новиот сопственик Алта Банка АД Белград, како и во име на раководството на Стопанска банка АД Битола, тие ѝ честитаат на нивната колешка Бранкица Дамевска за изборот за најдобар банкарски службеник за 2025 година.
„Ова признание претставува уште една потврда дека Стопанска банка А.Д. Битола континуирано вложува во своите вработени, создавајќи култура на професионализам, посветеност и успех“, велат од Банката.
Катерина Михајлова
Аналитика








