Недостигот на работна сила и притисокот на инфлацијата ги натера македонските компании значително да ги зголемат платите на своите вработени, со што Македонија се најде меѓу топ земјите во Европа според растот на просечната нето-плата во последната година. Официјалната статистика измери дека просечната нето-плата во земјава во јули годинава е повисока за 10,5 насто споредено со јули минатата година, а изнесува 45.276 денари.
Во некои сектори, како на пример во административните и помошните услужни дејности, платите се зголемени за дури 16,5 насто, во образованието за 15,0 насто, а во здравството и социјалната заштита за 14,8 насто. Овој раст најмногу го повлече нагоре и нивото на просечната плата.
Со овие бројки, врз кои се базира анализата на Пари, Македонија се најде високо на ранг-листата на европските земји, дури и во конкуренција на земјите членки на ЕУ. Споредено со државите од ЕУ, плус Албанија и Федерацијата БиХ, Македонија е на високото 6. место.
Во јули, Евростат измери најголем раст на просечната плата во Бугарија, од 13,4 насто. Следува Унгарија со 11,0 насто. Веднаш зад овие две земји членки на ЕУ е Македонија, со раст на просечната плата од 10,5 насто.
Во Регионот, најголем раст на платите е измерен во Федерацијата БиХ, каде изнесува 12,3 насто. Потоа доаѓа Албанија, со раст на просечната плата од 11,7 насто. За Србија сè уште нема податок за јули, а во јуни платите беа зголемени за 11,8 насто за една година.
Растот на платите во Македонија особено доби на интензитет последнава година. Ова темпо ги донесе платите во одредени сектори на рекордно високо ниво во последните 15 години, покажуваат официјалните статистички податоци.
Според овие податоци, во јули 2025 година нето-платите во некои сектори пораснале и до 7 пати во однос на просекот што го имале во 2011 година, од кога се последните податоци со кои може да се прави споредба.
Во дејноста компјутерско програмирање во јули е исплатена највисоката просечна плата во износ од 102.869 денари, која во 2023 година изнесувала 92.871 денар, во 2020 година била 66.993 денари, а во 2011 година само 30.638 денари.
Втората по висина просечна плата е исплатена во индустријата за производство на машини, во износ од 87.646 денари. Интересно за оваа дејност е што за една година просечната плата е безмалку двојно зголемена. Просечната плата во 2024 година била 47.095 денари, а во јули оваа година достигна 87.646 денари. Во 2011 година, во овој сектор платите биле во просек 13.410 денари, во 2021 година надминале 31.000 денари, а во 2024 година стигнале до 47.000 денари.
Значително е зголемена просечната плата во компаниите и институциите за научно истражување и развој, од 25.995 денари во 2011 година на 77.200 денари во 2025 година.
Во текстилната индустрија, пак, просечната плата е зголемена за 5 пати, од 9.623 денари во 2011 година на 41.651 денар во 2025 година. Значителен раст има и во секторите за производство на гуми, од 11.552 денари во 2011 година на 40.799 денари во 2025 година, како и во тутунската индустрија, од 16.864 денари на 40.535 денари.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска