Недостигот на лекови во Европската унија во последните години достигна рекордно високи нивоа и станува еден од најгорливите предизвици за здравствените системи. Најновиот извештај на Европскиот суд на ревизори укажува дека во периодот од јануари 2022 до октомври 2024 година националните здравствени власти пријавиле 136 критични недостига на лекови до Европската агенција за лекови. Станува збор за основни терапии како антибиотици, тромболитици кои се користат при мозочни и срцеви удари, антидоти за труење со цијанид, но и други неопходни медицински средства.
Во март 2025 година, според официјалните податоци на Агенцијата, 34 лекови се наоѓале во недостиг, од кои 16 се дел од листата на есенцијални лекови на Европската комисија. Тоа укажува дека проблемот не е ограничен само на помалку користени или специјализирани лекови, туку ги засега и оние што се од витално значење за секојдневното функционирање на здравствените системи во државите кои ја сочинуваат Европска Унија.
Извештајот на ревизорите открива неколку сериозни слабости. Една од нив е фрагментираноста на податоците и недоволната размена на информации. Во различни земји-членки постојат различни правила за тоа кога производителите мора да ги известат регулаторните тела за можен недостиг. Во некои случаи тоа се случува доцна, дури кога залихите се целосно исцрпени, додека во други има навремени предупредувања. Нема унифицирани стандарди за известување, а дел од системите се со недоволно или задоцнето доставување на информации.
Втората слабост на која укажуваат европските ревизори се однесува на правната рамка. Европската унија нема доволно силни механизми за да обезбеди обврзувачко известување од страна на фармацевтските компании. Европската агенција за лекови пак има ограничени овластувања и може да реагира поефикасно само во услови на прогласена здравствена криза.
Голем проблем, според ревизорскиот извештај, претставува и ранливоста на синџирите на снабдување. Европските држави во голема мера зависат од увоз на активни супстанции и готови лекови од Азија, особено од Кина и Индија. Секоја пречка во производството или транспортот таму има сериозни последици врз европските пазари. Дополнително, производствените проблеми, недостигот од суровини и логистичките прекини често ја влошуваат ситуацијата.
На национално ниво, координацијата е слаба и неретко доведува до дуплирање на активности или нерамномерна распределба на лекови меѓу земјите, се вели во ревизорскиот извештај. Се потенцира и дека складирањето на обемни резерви на лекови во едни држави може да предизвика уште поголем недостиг во други, што ја нагласува потребата од подобра европска координација.
Причините за недостигот се разновидни. Меѓу најважните се проблемите во производството и затворањето на фабрики поради квалитетни или капацитетни ограничувања. Снабдувањето со суровини и активни фармацевтски супстанции е кревко и често се соочува со ограничувања во извозот или геополитички тензии. Понекогаш недостигот произлегува и од ненадејно зголемување на побарувачката, како при епидемии или сезонски болести. Економските фактори исто така играат улога, бидејќи производството на постари и поевтини генерички лекови не е профитабилно за компаниите, па тие го напуштаат пазарот.
Последиците за пациентите се сериозни, предупредуваат ревизорите. Недостигот доведува до одложување на третмани, користење на помалку ефикасни алтернативи и зголемување на ризикот од компликации. Кај критичните лекови за срцеви и мозочни удари, тоа директно се одразува врз животот на пациентите. Здравствените системи, пак, се соочуваат со дополнителни трошоци и логистички оптоварувања, а разликите меѓу земјите членки создаваат нееднаквост во пристапот до терапија.
Европската унија започна неколку иницијативи за надминување на кризата. Европската комисија подготвува нов „Акт за критични лекови“, кој треба да ја зајакне безбедноста на снабдувањето и да ги намали зависностите од надворешни добавувачи. Во почетокот на 2025 година беше пуштена во употреба Европската платформа за следење на недостиг на лекови, која треба да обезбеди подобро информирање и рано предупредување во сите земји. Се работи и на поттикнување на домашно производство во Европа, особено за критичните лекови. Предвидени се и правни реформи за хармонизација на правилата за известување и за олеснување на прекуграничната прераспределба на лекови.
Иако овие чекори претставуваат важен напредок, ревизорите предупредуваат дека спроведувањето ќе биде бавно, а без јасни санкции за непочитување постои ризик новите обврски да останат само на хартија. Дополнителен предизвик претставува и балансирањето на националните интереси со европските потреби, бидејќи државите сакаат да обезбедат сопствени резерви, што може да биде спротивно на идејата за заедничка солидарност.