ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I ОГНЕН ОГНЕНОСКИ: Македонската економија мора да се чита преку податоци, а не преку претпоставки

    Време зa читање: 7 минути

    Македонската економија е пред бројни предизвици, но и со јасни шанси за раст, покажува најновата макроекономска анализа презентирана на конференцијата Бизнис Лидер 2025. За првпат, пред бизнис заедницата беа изнесени детални податоци и трендови за индустриите, регионите и компаниите што ја движат земјата, со длабинска слика за приходите, добивките, задолженоста и финансиската дисциплина.

    Анализата открива дека ТОП 100 компании остваруваат речиси 40 отсто од сите приходи, а ТОП 500 – над 60 отсто. Истовремено, во одредени индустрии растот е над 70 насто, додека други се соочуваат со сериозен пад и структурни проблеми. Регионалната карта исто така носи интересни пораки: иако Скопје логично доминира, Југоисточниот Регион и Пелагонија се наметнуваат како нови центри на економски раст.

    Зад бројките стои човекот кој повеќе од една деценија ја гради најсилната платформа за деловна интелигенција во земјата – Огнен Огненоски, основач и извршен директор на Бизнис Мрежа и Бонитетната Агенција Таргет Груп. Со него, во интервјуто за Пари,  разговараме за најважните заклучоци, за тоа кои индустрии имаат иднина, каде се најголемите ризици и зошто информациите не се трошок, туку најсилната предност на еден бизнис.

    Пари: Вашата анализа покажува дека 100 компании генерираат скоро 40 отсто од приходите, а 500 – дури 60 отсто. Дали оваа силна концентрација е сила или слабост на македонската економија?

    Огненоски: ТОП 100 компании лани остварија приходи од над 15 милијарди евра, што претставува скоро 38 отсто од целата економија. ТОП 500 достигнаа 24 милијарди евра, или над 60 проценти од приходите и добивките во земјата. Ова е позитивно, затоа што токму тие компании се моторот на извозот, најголемите даночни обврзници и носители на стабилност. Но, истовремено е и ризично – ако една од овие компании има проблем, ефектот е системски. Затоа мора да се вложува во средната класа на компании, кои ќе го намалат овој јаз и ќе создадат поширока економска основа.

    Пари: Приходите и добивката се концентрирани кај најголемите компании, но бројот на вработени е пошироко распределен. Што ни кажува оваа разлика?

    Огненоски: Големите компании, во просек, остваруваат повеќе од 100.000 евра приходи по вработен, додека малите често не достигнуваат ни 20.000 евра. Тоа е јасен показател за продуктивноста. На пример, ИТ секторот со само 17.000 вработени создава над 800 милиони евра приходи и има една од најздравите маржи – околу 10 проценти. Наспроти тоа, трговијата вработува 87.000 луѓе, но со профитна маржа од само 3 до 5 проценти. Тоа значи дека најголемиот работодавач е воедно и сектор со најтесни профити. Ако сакаме одржлив раст, мора да се преместиме од трудоинтензивни во знаење-интензивни индустрии.

    Пари: Каде се новите центри на економски раст надвор од Скопје?

    Огненоски: Скопје останува апсолутен лидер – само во 2024 се основани 3.340 нови компании, а во првата половина од годинава уште 1.693. Но, интересно е што Битола ја зазема втората позиција во 2025 година со 204 новоосновани фирми, надминувајќи го Тетово кое забавува (167 фирми). Куманово, исто така, влезе во топ 5 со 158 нови фирми. Оваа географска диверзификација е здрав знак – ни кажува дека економијата повеќе не е централизирана само во Скопје, туку почнуваат да се јавуваат локални бизнис кластери.

    Пари: Кои индустрии го носат најголемиот раст?

    Огненоски: Најсилен е растот во производството на возила – индустрија која создаде 3,45 милијарди евра приходи и добивка од 114 милиони евра, со само 63 компании и околу 29.000 вработени. Тоа покажува висока концентрација, но и огромна важност за извозот. ИТ секторот е „скриениот шампион“ – 800 милиони евра приходи, 70 милиони добивка и двоцифрена маржа, со релативно мал број вработени. Тоа значи висока продуктивност по човек. Интересен тренд е и „post-COVID бумот“ во туризмот и угостителството – над 30% раст за само две години. Овие бројки покажуваат дека економијата се пренасочува кон знаење, услуги и извоз, додека класичната индустрија забавува.

    Пари: Кои сектори најмногу губат?

    Огненоски: Според нашата анализа, најранливи се енергетиката, металургијата и текстилната индустрија. Во периодот 2022–2024 тие бележат пад на приходите од −26% до −40%, што јасно покажува колку се чувствителни на глобални циклуси и промени во цените на суровини и енергенси.

    На пример, во енергетиката забележуваме големи флуктуации – години со рекорден раст  веднаш потоа се заменуваат со падови, што ја прави оваа индустрија исклучително ризична. Кај металите, проблемот е двоен: зависност од извоз и ниски маржи, што ја прави целата гранка изложена на нестабилност. Текстилната индустрија, пак, е класичен пример за сектор што работи со ниска додадена вредност, висока зависност од нарачки од странство и силен притисок врз цените.

    Пари: Колку е сериозен проблемот со задолженоста?

    Огненоски: Задолженоста е еден од најголемите ризици. Трговијата и градежништвото имаат огромни обврски кон банки и добавувачи. Тие генерираат најголеми приходи, но со ниски маржи, па често задолженоста се користи за оперативни трошоци. Тоа е „погрешен долг“ – не носи развој, туку крпи ликвидност. Од друга страна, ИТ, консалтинг и финансиски услуги имаат високи маржи и ниска задолженост – пример како треба да изгледа стабилен сектор. Ако не го решиме овој структурен дисбаланс, секоја криза може да предизвика домино-ефект на неплаќачи.

    Пари: Финансиската дисциплина често се споменува. Што покажува вашата анализа?

    Огненоски: Разликите се огромни. Во најдобрите дејности наплатата се врши за 10-15 дена, додека во најлошите таа надминува 100 дена. Тоа значи дека една фирма може да си ја врати ликвидноста за две недели, додека друга за три месеци. Оваа култура на доцнење е кочница за целата економија. Според нашите податоци, просечната неликвидност кај компаниите се движи околу 60 дена, што е премногу за мала економија како Македонија. Ако не ја подобриме дисциплината во плаќањето, ниту една стратегија за раст нема да даде резултат.

    Пари: Каква е сликата со новоосновани и згаснати компании?

    Огненоски: Во 2024 се основани 8.206 компании, а згаснати 3.772нето прираст од +4.434. Во првата половина од 2025 имаме 3.838 нови и 2.163 згаснатинето +1.675 правни лица. Најголем прираст има во Скопје (+2.482 во 2024, уште +1.010 во првите шест месеци од 2025), додека Куманово е најинтересно, од −191 правно лице во 2024 преминува во +52 во првата половина на 2025. По форми, ДООЕЛ и ДОО се најголеми двигатели, со над 3.700 нето нови фирми во 2024. По дејности, најмногу нови фирми има во трговија на мало и угостителство, додека најголемо гаснење бележат трговијата и личните услужни дејности. Претприемачкиот пулс е силен, концентриран во Скопје, со позитивни сигнали во Битола и пресврт во Куманово, а најголемиот обрт се случува во трговијата.

    Пари: Што покажуваат бројките за странскиот капитал?

    Огненоски: Македонија има компании со сопственици од над 80 земји. Обединетото Кралство е лидер по приходи и добивка, Германија и Австрија по број на вработени, а Естонија е интересен феномен – мала по големина, но со висока профитабилност. Од регионот, Турција, Србија и Бугарија имаат силно присуство, но не секогаш и добри добивки. Ова покажува дека странските инвеститори не гледаат само бројки, туку бараат предвидливост и стабилност. Ако сакаме повеќе сериозен капитал, мора да обезбедиме јасни правила на игра, правна сигурност и транспарентна даночна политика.

     Ако треба да издвоите три главни пораки од целата анализа, кои би биле тие?

    Огненоски: Прво – економијата е трговски џин, но профитно џуџе. Од трговијата доаѓаат 38 отсто од сите приходи, но со најтесни маржи. Второ – ИТ секторот и индустриите базирани на знаење се иднината: тие имаат двоцифрени маржи и висок извозен потенцијал. Трето – финансиската дисциплина е услов за раст: без подобра ликвидност, економијата ќе остане закочена.
    Ако треба да кажам со една реченица: иднината им припаѓа на тие што ги читаат бројките и ги претвораат во стратегија.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично