Европските работници денес се соочуваат со парадокс: квалитетот на работата во целина расте, но зад позитивните трендови се кријат длабоки нееднаквости, трајни здравствени предизвици и нови дилеми околу технологијата што брзо ги менува работните места. Европската анкета за работни услови 2024 на Eurofound, спроведена со над 36.000 работници во 35 земји, открива отпорна, но поделена работна сила.
Долгите работни недели стануваат реткост – само 11% од вработените работат над 48 часа, во споредба со 19% во 2005 година. Овој тренд го намали родовиот јаз во квалитетот на работното време, но жените остануваат во понеповолна положба: нивниот социјален амбиент на работа се влошува, почесто се изложени на злоупотреби и работат во сектори со високи емоционални барања како здравството и образованието.
Работата станува сè поседечка – 40% од работниците седат подолги периоди, што повеќе ги засега жените. Зголемена е и изложеноста на топлина, особено во земјоделството и градежништвото, додека мускулно-скелетните проблеми остануваат најчести. Жените почесто пријавуваат главоболки и анксиозност.
Технологијата, пак, создава повеќе задачи отколку што отстранува, но и поттикнува соработка. Генеративната вештачка интелигенција користат само 12% од работниците – над 20% во скандинавските земји, а под 5% во регионот на Балканот, Италија и Грција. Хибридната работа стана трајна практика: 9% комбинираат работа од дома и канцеларија, а 16% работат од дома повремено.
Иако субјективната благосостојба бележи стабилен раст – просек од 69,4 поени во 2024 година – се забележува пад на енергијата и ентузијазмот, а монотоните задачи ги извршуваат 48% од работниците, во споредба со 40% во 1995 година.
Разликите меѓу земјите се големи: 80% од ирските работници се чувствуваат мотивирани од организацијата да работат добро, додека во Чешка, Грција и Кипар ова чувство го делат помалку од половина. Платата останува важна, но анкетава покажува дека европските работници повеќе ја ценат безбедната и доверлива работна средина. Родовиот и возрасниот јаз е очигледен – мажите им даваат приоритет на примањата, жените на безбедноста.
Истражувањето, сепак, потсетува дека вистинска родова еднаквост на работното место останува исклучок, а напредокот на раководно ниво е минимален во последните 25 години. И покрај опаѓањето на стравот од губење работа, кариерните изгледи и натаму се во корист на мажите, а 15% од работниците во Европа велат дека не можат да ја предвидат својата заработка во наредните три месеци – неизвесност што во Романија и Грција ја чувствува и повеќе од една четвртина од вработените.
Анкетата испраќа јасна порака: европските работници сакаат пред сè безбедност, доверба и благосостојба, но за да се постигне вистински напредок, креаторите на политики мора да ги адресираат ранливостите и нееднаквостите што и понатаму го дефинираат работниот живот на милиони луѓе.