Жителите на ресенското село Љубојно денес повторно беа на барикадите, блокирајќи го патот кој води до шумата што ја сече фирмата “ДИБА Трејд“ од охридското село Косел, како концесионер на ЈП Национални Шуми. Денес над Љубојно не се сечеше шума бидејќи концесионерот нема пристап на терен.
Блокадите траат веќе осми ден и, според мештаните со кои разговараше порталот ПАРИ, тие ќе продолжат и понатаму, се’ додека не им се исполни барањето – да се престане со сечата на шумата над нивното село. „Денес камионите за дрва не поминаа нагоре и нема да поминат“, вели Васко, еден од жителите на Љубојно и додава: „Остануваме тука се’ додека постои опасност да продолжи сечата“.
Жителите на Љубојно посочуваат на опасноста која веќе ја предизвикала сечата на шумата над селото откако пред два дена поројниот дожд се слеал во Љубојно и го поплавил центарот на селото и прашуваат што ќе се случи кога ќе биде исечена целата планирана шума, со оглед дека е планиран таканаречен голосек, односно целосно сечење на дабовата шума на утврдените парцели, до последно дрво. „Селскиот пат е на места веќе уништен од тешките камиони кои носат дрва, а оштетен ни е и селскиот водовод. Кој ќе ја надомести штетата што ни е направена“, прашуваат мештаните.
Опасностите од силниот пороен дожд завчера беа видливи на самото место во и во близина на Љубојно, што покажува колку може сечењето на шумата да ги загрози животот на граѓаните и нивното живеење таму. За блокирањето на патот што води до сечата со истовар на песок, двајца жители на Љубојно веќе се казнети со 600 евра.
Мештаните велат дека на терен дошле претставници на ЈП Национални Шуми, кои тврделе дека се е според усвоените и утврдени планови и според законот. И од Шумската полиција за ПАРИ потврдија дека излегле на лице место и констатирале дека се работи за легална сеча, во склад со постојните планови.
Од Државниот Инспекторат за животна средина ни беше кажано дека тие немаат ингеренции да постапуваат по прашања на сечење на шумите, а од општинскиот инспекторат во Ресен ни одговорија дека до нив нема пристигнато никаква пријава за загрозување на животната средина, за да реагираат.
Концесионерот Диба Трејд има добиено тендер на ЈП Национални шуми за “изградба и реконструкција на меки шумски патишта превоз со утовар и истовар на дрвни сортименти“ на 25 мај годинава, како што стои во дописот на ЈП Национални шуми, и за една година, само на две парцели има дозвола да исече над 4.000 кубни метри дрва. Десетгодишниот план за сеча на овој терен, пак, е со важност до 2033 година, што значи дека допрва се предвидува огромен зафат на сечење на шумското богатство, што особено ги загрижи жителите на Љубојно. Колкав точно, никој од мештаните не знае, а надлежните – не кажуваат.
Откако почнаа протестите на 12 август, запрена е сечата на шумата. Но, од Владата одговорија дека се работи за регуларна сеча на нискостеблест даб во одделите 29 и 30 во шумско-стопанската единица Пелистер Брајчино.
Жителите на Љубојно посочуваат дека истовремено со сечата кај нивното село, во планината се врши интензивна сеча и на шумата со која стопанисува Националниот парк Пелистер и дека забележуваат преполни повеќетонски камиони како симнуваат исечена бука по патот.
ПАРИ упати прашања на адреса на ЈП Национални шуми, со кои побаравме одговор што содржи планот за сеча на шумата над Љубојно, дали се земени предвид последиците од голата сеча на шумата врз појавата на ерозија и нејзиното влијание врз луѓето кои живеат во близина на исечената шума, како и тоа кој ќе ги надомести штетите предизвикани од активностите на концесионерот. До времето на објавувањето на овој текст, одговори на прашањата не добивме.