Раководството на Раде Кончар-ТЕП е со намера да објави понуда за целосно преземање на Раде Кончар – Апаратна техника. Подготвени се да платат по 2.435 денари за акција.
„Согласно член 22 став 1 од Законот за преземање на акционерските друштва, ги известуваме сите акционери на Раде Кончар-Апаратна техника АД Скопје дека имаме намера да објаваме Понуда за преземање на целното друштво Раде Кончар-Апаратна техника АД Скопје по цена од 2.435 денари по акција“, пишува во објавата споделена преку Македонска берза, потпишана од управителот на Раде Кончар-ТЕП ДООЕЛ, Горан Антевски.
Како што е наведено, понудата за преземање ќе биде објавена откако Комисијата за хартии од вредност ќе ја издаде потребната дозвола.
Според податоците објавени на Берзата, целното друштво Раде Кончар – Апаратна техника минатата година ја завршило со добивка од 548 илјади евра. Во текот, пак, на првата половина од годинава, остварен е профит од над 233 илјади евра, проследен со пад во споредба со истиот лански период (285,4 илјади евра).
Исто така, податоците велат дека во последните 52 недели со оваа акција се забележани седум тргувања, во кои вредноста на акцијата се движела од минималните 2.000 до максималните 3.000 денари. Последната купопродажна трансакција била реализирана на 9 јули, од кога датира и последната просечна цена од 2.500 денари за акција. Тогаш биле истргувани 79 акции со промет од 197.500 денари (3.211 евра). А, пак, во седумте трансакции се работи за 252 акции и за вкупен промет од 634.400 денари (нешто над 10.300 евра).