ПОВЕЌЕ

    ГОЛЕМА БАНКАРСКА ЗДЕЛКА НА ПОВИДОК: Алта банка на чекор до Стопанска Битола

    Време зa читање: 4 минути

    Македонската банкарска сцена би можела наскоро да биде сведок на значајна промена. Стопанска банка АД Битола, една од помалите, но стабилни финансиски институции во земјава, е на пат да добие нов сопственик – српската Алта банка. Овој потег е дел од пошироката регионална стратегија на Алта банка за проширување и модернизација, којашто се смета за чекор што може да донесе свежина и поголема конкурентност на пазарот на банкарски услуги во Македонија.

    Пари веќе пишуваше дека Управниот одбор на Стопанска банка Битола доби официјално известување за намерата да се даде понуда за преземање од Алта Груп. Откупот би се извршил по износ од 3.777 денари за акција. Малата банка од Битола има издадено 390.977 обични акции, а за нив Алта Груп би платила околу 24 милиони евра.

    Минатата деловна година, Стопанска банка Битола ја заврши со добивка од 2,6 милиони евра, што претставува позитивен пресврт во однос на 2023 година кога беше евидентирана загуба од околу три милиони евра. Банката има вкупна актива од 178,7 милиони евра, а иако е мала по големина, сè повеќе станува предмет на интерес од страна на поголемите финансиски институции.

    Процесот на преземање се одвива во согласност со Законот за банки и релевантните регулативи на Народната банка на Македонија. Гувернерот Трајко Славески, во своја изјава за Newsmax Balkans, потврди дека е во тек оценка на понудата и финализирање на документацијата. Се очекува официјално изјаснување и од Комисијата за хартии од вредност, а целата потребна документација веќе е изготвена и доставена до надлежните институции. По добивањето на позитивно мислење и формално одобрение од Народната банка, ќе биде спроведена целосната процедура на преземање, што вклучува и правна регистрација на промените во Централниот регистар, како и упис на новиот сопственички статус.

    Потенцијалниот инвеститор, Алта банка, е една од најбрзо растечките и најиновативните банки во Србија. Банката е во целосна сопственост на Алта Груп, која е препознаена како компанија што постојано е чекор пред пазарните трендови и технолошки развој. Алта банка е наследник на поранешната Јубмес банка, основана во 1979 година. Трансформацијата на банката започна во 2019 година, со промената на сопственоста и стапувањето на Алта Груп како доминантен сопственик. Оттогаш, банката бележи значаен раст и етаблирање на пазарот како синоним за иновација и стабилност.

    Во периодот од последните пет години, клиентската база на Алта банка е зголемена повеќекратно. Фокусот на кредитната активност е насочен пред сè кон корпоративниот сектор, при што банката бележи позитивни финансиски резултати. Во 2024 година, Алта банка остварила оперативна добивка од 20 милиони евра и нето-профит од 16,2 милиони евра. Работи со 504 вработени и има пазарен удел од 1,84 отсто, што е значителен пораст во однос на 0,5 отсто удел во 2019 година. Активацијата на банката сега изнесува над една милијарда евра, со што се позиционира како банка со најбрз раст на српскиот пазар.

    Доколку преземањето на Стопанска банка Битола се реализира успешно, тоа ќе значи значителен придонес за развојот и стабилноста на банкарскиот пазар во Македонија. Присуството на Алта банка може да донесе нови дигитални решенија, модерен начин на работа и засилена конкуренција, која ќе биде од корист за клиентите – и индивидуалните, и корпоративните.

    Оваа трансакција би можела да биде првата голема аквизиција на домашната банкарска сцена по 2019 година, кога групацијата Шпаркасе презеде 91,57 отсто од Охридска банка и за тоа плати 48 милиони евра. Денес, додека се чека финалното одобрение од Народната банка и Комисијата за хартии од вредност, останува прашањето дали Стопанска банка Битола конечно ќе добие нов сопственик – и дали со тоа ќе започне ново поглавје за банкарството во Македонија.

    K.M.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично