Раздвижувањата на глобалните пазари на храна повторно ја разоткрија ранливоста на прехранбените синџири, откако во јули цените на основните прехранбени производи забележаа највисоко ниво во последните повеќе од две години. Иако цените на житарките, шеќерот и млечните производи бележат пад, растот кај растителните масла и историскиот рекорд кај месото ја турнаа вкупната просечна цена нагоре, покажуваат податоците на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Во јули, ФАО Индексот на цените на храната – кој се смета за глобален репер за цените на основните прехранбени производи – изнесувал просечно 130,1 поени, што претставува зголемување од 1,6% во однос на јуни. Ова е највисокото ниво забележано од февруари 2023 година, иако индексот останува 18,8% под историскиот максимум од март 2022 година, постигнат по руската инвазија врз Украина.
Најголем придонес кон порастот на индексот имаа цените на месото и растителните масла. Индексот на цените на месото на ФАО достигна ново рекордно ниво од 127,3 поени, за 1,2% повисоко од претходниот месечен максимум. Цените се зголемија како резултат на силната увозна побарувачка од Кина и САД, што особено влијаеше на поскапувањето на говедското и овчото месо. Во САД, намалувањето на домашното стадо поради суша ја засили потребата од увоз, додека Кина минатата година испорача рекордни количини на говедско месо, поттикната од растечката популарност на месото на домашниот пазар. Сепак, неодамнешната истрага за увезеното говедско месо донесе доза на неизвесност во врска со идната побарувачка од Кина.
Цените на живинското месо исто така бележат пораст, откако големите купувачи го продолжија увозот на бразилско пилешко. Од друга страна, свинското месо забележа намалување на цената, поради стабилните резерви и опаѓањето на побарувачката, особено во Европската Унија.
Индексот на цените на растителните масла скокна на 166,8 поени, што е месечно зголемување од 7,1% и највисоко ниво во последните три години. Растот е предизвикан од поскапувањето на палминото, соиното и сончогледовото масло, поради зголемената глобална побарувачка и затегнати резерви.
За разлика од овие категории, цените на житарките продолжија да паѓаат. Референтната цена на житарките е на најниско ниво во речиси пет години, што е резултат на сезонскиот притисок од жетвата на пченицата на северната хемисфера. Индексот на оризот се намали за 1,8% во однос на претходниот месец, благодарение на обемните извозни резерви и слабата увозна побарувачка.
Пад бележат и млечните производи, првпат од април 2024 година. Цените на путерот и млекото во прав се намалија доволно за да ги надоместат добивките кај сирењето. Исто така, и индексот на шеќерот продолжи да се лизга надолу, намалувајќи се петти месец по ред. Тоа се должи на очекувањата за зголемено производство во главните производствени региони како Бразил и Индија, и покрај сигналите за закрепнување на глобалната побарувачка за увоз на шеќер.