Отворените инвестициски фондови првиот годинешен квартал го завршиле во позитива од 24,55 милиони евра. Располагаат со речиси 382 милиони евра, а нето вредност на средствата за една година е зголемена за 52,35 проценти. Најголем дел од парите се вложени на домашниот терен и во домашната валута. Тоа се клучните податоци од кварталниот извештај на Комисијата за хартии од вредност, во делот – Друштва за управување со инвестициски фондови.
Станува збор за пет друштва – КБ Инвест, НЛБ Фондови, ВФП Фонд Менаџмент, Иново Статус и Вега Фондови, кои управуваат со 24 инвестициски фондови (за два повеќе во однос на првиот лански квартал). Во нивните рамки се наоѓаат нето 23.477,05 милиони денари, кои за три месеци се повисоки за 8,1 насто. Со бројки – зголемени се за 28,52 милиони евра, при што позитивни биле движењата во јануари и февруари. Во однос на состојбата од пред една година, сегашната е подобра за 130,76 милиони евра.
Раст на нето вредноста е забележан кај фондовите управувани од КБ Инвест (11,05%), НЛБ Фондови (10,51%) и ВФП Фонд Менаџмент (8,61%). Квартално намалување има кај Вега Фондови за 7,37 отсто и кај Иново Статус за 0,27 отсто. Споредено, пак, со ланските први три месеци, зголемувањето е присутно кај сите друштва. Предничи Вега фондови со 320,37 проценти, а следат КБ Инвест (57,01%) и НЛБ Фондови (52,85%).
Во вкупната вредност на сите отворени инвестициски фондови, на крајот од првото тримесечје најголем е уделот од 36,66 проценти на КБ Инвест, па потоа на ВФП Фонд Менаџмент – 34,64 проценти. Најмало е учеството на Иново Статус (0,35%). Пред една година сликата била поинаква – ВФП Фонд Менаџмент управувал со 41,49 отсто од вкупните средства, а КБ Инвест со 35,57 отсто. Иново Статус ја задржал позицијата, но во првиот квартал 2024 негиовиот удел (0,47%) бил нешто повисок.
Како што се наведува во извештајот, доминантна позиција во првиот годинешен квартал имаат акциските фондови со 45,32 проценти учество во вкупната нето вредност на сите фондови. На второ место се паричните фондови со 41,52 проценти. Притоа, вкупната нето вредност на акциските фондови е 10.640,49 милиони денари или 173 милиони евра, а на паричните 9.748,30 милиони денари, односно 158,5 милиони евра.
Што се однесува до нивниот раст, акциските фондови за три месеци напреднале со 11,83 проценти, а годишно со 54,43 проценти. Кај паричните фондови е регистриран квартален пад од 3,05 отсто и годишен раст од 50,71 насто. Најголемите движења по нагорна линија ги има кај балансираните фондови – тримесеченото за 24,08 насто и годишното за 92,66 насто. Пораснале и обврзничките фондови за 3,34, односно за 21 процент.
На крајот од првото тримесечје, најголемиот дел од парите доверени во овие фондови биле вложени во финансиски услуги (23,34%), во информатичка технологија (16,15%) и во здравство (16,02%). Кон овие три сектори насочени се вкупно 5.727.472.673 денари (над 93 милиони евра). Тоа, пак, е за 57,8 насто повеќе од истиот лански период.
Исто така гледано според структирата на дејност, најголем годишен пораст на вложувањата е забележан во секторот општа потрошувачка – за 100,73 насто, па во недвижности за 79,3 насто, во финансиски услуги за 77,28 насто и во енергетика за 60,83 насто. На квартално ниво, најголемото зголемување на вложувањата од 40,13 проценти е регистрирано кај комунални услуги, а следат општа потрошувачка (29,76%) и енергетика (18,75%).
Од географки аспект, со речиси 60-процентна застапеност, доминантни се вложувањата на територијата на државата. На крајот од првиот квартал изнесуваат 14.085,68 милиони денари или 229 милиони евра. Точно 59,62 отсто од вкупно вложените средства. На годишна основа се работи за зголемување од 60,67 проценти.
Пари се инвестирани и во странство. Во земјите од Европа инвестициските фондови вложиле 22,95 отсто од расположливата база, што е еднакво на 5.421,70 милиони денари (над 88 милиони евра). А, во Северна Америка се 15,43 отсто од средствата, односно 3.644,99 милиони денари (59 милиони евра).
Годишната споредба покажува раст кај вложувањата во сите валути: денари за 63 проценти, американски долари за 45,68 проценти, швајцарски франци за 41,53 проценти и евра за 40,12 проценти.
Во текот на трите први месеци од годинава, во инвестициските фондови се уплатени вкупно 6.224,92 милиони евра, а се одлеале 4.710,13 милиони евра. Најголемиот дел од приливите доаѓаат од домашните физички лица (34,39%), од домашните нефинансиски правни лица (33,07%) и од домашните финансиски институции кои не се банки (31,77%). Приливите од страннски финансиски институции се 0,25 проценти.
Истовремено, најголемиот процент повлечени средства – 35,99 отсто, се направени од домашните нефинансиски правни лица. Домашните финансиски небанкарски институции повлекле 35,84 отсто, а граѓаните 28,17 отсто. Незначителен е одливот од странските физички лица, само 0,18 проценти.