Дозвола издадена од Општина Кавадарци кон крајот на минатата година, за изградба на две мали хидроцентрали на планинската рекичка Дошница, на планината Кожуф го вознемири југоистокот на државава. Месноста Смрдлива Вода на Кожуф изминативе денови беше место каде повеќе граѓански здруженија од Гевгелија и други градови од регионот организираа неколкудневни блокади и протест, од кои побараа веднаш да се повлечат багерите кои почнаа да ја сечат шумата и да расчистуваат простор на кој треба да се изгради првата од двете мали хидроцентрали.
Тие предупредија дека реализацијата на овие проекти ќе има сериозни и трајни последици врз животната средина, водните ресурси на целиот регион, како на населението, така и на биодиверзитетот во поширокиот предел на планината Кожуф. Засегнат е, велат, целиот регион, бидејќи сите пиеме вода од Кожуф, на кој веќе многу реки се уништени или со намален водотек, а сега сакаат да ја уништат и Дошница.
„Да се тргнете од Дошница и од сите реки веднаш инаку ќе ве блокираме додека не ги тргнете сите машини. Оние кои сакаат да си прават профит, нека го прават на друго место“, порача од вчерашниот протест Марина Томова од граѓанското здружение Changemakers4All од Гевгелија.
„Се организиравме тука за да го одбраниме основното човеково право на чиста и здрава природа, а тоа е и наша обврска. Како активисти се организиравме да ја чуваме реката и ќе опстоиме на тоа да се заштитат нашите води. Дали е целта на македонските власти да има се повеќе иселувања, а се помалку отпор? Јас се вратив во Македонија со својот син од Холандија бидејќи сакам да живеам тука, тука да порасне мојот син, кој е роден во Холандија“, вели за нашиот портал Томова. Како повратник од странство во родниот град, таа е дел од граѓанската иницијатива за спас на реката Дошница, планинска рекичка која извира во пазувите на Кожуф, која, за потребите на мала хидроцентрала треба да биде ставена во цевки.
Пред неколку години таа се вратила во Македонија за, како што вели, да гласа на референдумот што локалната самоуправа го организираше за изградба на рудници на Кожуф, но реши да остане во татковината и да го гради својот живот тука.
Објаснувајќи ги следните чекори на граѓанскиот отпор против ставањето на реката во цевки, Томова вели дека тие побарале и правна помош од адвокати и од организации како Млади правници и очекуваат иницијативата да продолжи да се бори за спас на Дошница низ институциите. „Поврзани сме и со светски еколошки асоцијации, кои од нас побараа да ги информираме за случајот и се подготвуваме и за правна битка“, додава Томова.
На собирот на Смрдлива Вода се обрати и градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров, единствениот од првите луѓе на трите општини кон кои гравитира сливното подрачје на реката Дошница – Гевгелија, Кавадарци и Демир Капија. „Дали целта ги оправдува средствата и дали тоа мало производство на струја на тие мали хидроцентрали се исплати во однос на штетата, проценете сами, јас се консултирав со стручњаци и се уверив дека целта не ги оправдува средствата.
Тој потсети дека населението од неговата општина во 2017 година веќе се организираше и успеа да ја спаси истата река Дошница во нејзиниот долен тек од изградба на мала хидроцентрала. „Во тек е изработка на научно истражување во организација на Еко-свест и National Conservancy да се заштитат сите пет реки на територија на Демир Капија и самата Демиркаписка клисура. Останатите општини би требало да тргнат по истиот пат и да си ги заштитат реките, конкретно и реката Дошница, во целост“, рече Петров и најави дека неговата општина ќе поднесе и формално барање до Парламентот за заштита на целото подрачје, „ и да заборавиме веќе еднаш на било каква градба на овие планински бисери“
Ристо Камов, Спас за нас, Гевгелија потсети дека во изминативе неколку години беа изменети повеќе закони, кои место да се во функција на јавен интерес, се наменети да штитат финансиски интереси на одредена група луѓе. Најпрвин во прашање беа рудниците кои беа планирани да се отвораат во пазувите на Кожуф, да ја уништат, да го избркаат населението, за само два проценти приход за државата, а сега се тоа плановите за изградба на мали хидроцентрали.
„Се работи за општ грабеж на јавно добро и не смее никој да ја става реката во цевки за да прави пари од неа. Оваа битка сега е за Дошница, но борбата се води на територија на цела Македонија“, рече Кире Незиров од Велес. Притоа потсети дека одредени политичари преку незаконито влијание во донесување на закони и процедури за добивање на концесија и ги прилагодија на своите потреби, приграбувајќи ги најчистите планински реки и ги ставија во функција на правење на пари. Профитот, објасни тој, лежи во статусот на повластени производители, кој сопствениците на малите хидроцентрали ги имаат по 20-25 години и за тоа време државата им ја плаќа произведената струја по повластена тарифа, но со пари од граѓаните, што е изразено на нашите сметки за струја. Јавниот интерес не постои, постои само штета направена врз природата и реката, не се изработува студија туку елаборат за влијание врз животна средина,а одлуките се носат зад затворени врати, без јавна дебата, па затоа јавноста за вакви случаи дознава кога на терен веќе ќе излезат багерите да градат.
„Сакаат да го соголат Кожуф, да му ги пресечат вените и да си направат кеш набрзина, но ние не се предаваме. Тука ќе спиеме ама Кожуф не го даваме“, порача еден од говорниците на вчерашниот собир.
Југослава Дуковска