Опкружена со Медитеранското, Егејското и Црното море, Туркије нуди бескрајни можности за врвен одмор на морското крајбрежје – со идилични заливи, златни плажи, кристално море и дестинации кои комбинираат природа, култура и изобилуваат со знаменитости и различни случувања.
Од сместувачки капацитети и марини со врвни стандарди, до вински тури, велнес центри, врвна гастрономија и антички локалитети – крајбрежните градови на Туркије се вистински бисери кои секоја сезона нудат незаборавни доживувања.
Анталија, срцето на турската ривиера со 300 сончеви денови, плени со својата убавина и сини плажи сертифицирани со меѓународни признанија за еко-управување со плажите (Blue Flag). Кемер, Каш и Кекова се само дел од локациите кои го воодушевуваат секој љубител на природа, историја и медитеранска кујна. Во летниот период, музеите Анталија, Аланија, како и Некрополис и археолошките локалитети како Аспендос, Патара и Сиде се отворени до доцните вечерни часови, овозможувајќи уникатни ноќни прошетки низ историјата.
Мугла, местото каде што се среќаваат Егејското и Медитеранското море, е дом на врвни туристички дестинации како Бодрум, Мармарис и Фетје. Овој предел е идеална дестинација за пловење со јахта и за откривање на неодоливи пејзажи и природни убавини. Освен по своите природни убавини и заштитени заливи, регионот е познат и по луксузните хотели, светски познати ресторани, бутици и културни манифестации. Внатрешноста на регионот крие и антички градови од кариската и ликијската цивилизација.
Измир, бисерот на Егејот, нуди уникатен спој на урбана енергија и приморска релаксација. Од центарот на градот до Чешме, Алачати и Сеферихисар, посетителите можат да уживаат во термални извори, плажи со ситен песок, вински тури и традиционални таверни. За љубителите на културен туризам, Измир е одлично место за планирање посета на античкиот град Ефес и другите археолошки локалитети во регионот.
Истанбул, мегалополисот распространет на два континента, им нуди на посетителите можност да го откријат историското и културно наследство на еден од највпечатливите градови во светот, истовремено уживајќи во морскиот брег. Со многуте културно-историски знаменитости, модерни трговски центри, традиционални продавници и ресторани, како и гастрономски зони на Босфорот, Истанбул нуди бескрајни можности за истражување на историјата, шопинг, уметност и уживање.
Овие познати туристички дестинации се опремени и со современи марини, опремени со сите неопходни содржини што им се потребни на оние што ќе одлучат да ги посетат патувајќи со јахта. Крајбрежјето на Туркије продолжува да ги воодушевува посетителите со својата разновидност, со високите туристички стандарди и со надалеку познатото турско гостопримство.