ПОВЕЌЕ

    Надворешниот долг оптоварува речиси три четвртини од економијата

    Време зa читање: 4 минути

    Надворешниот долг на државата, за три месеци се намалил за 203 милиони евра. Од 12,32 милијарди евра на крајот од 2024 година – на 12,12 милијарди евра забележани на последниот ден од март. Тоа е бруто-износот кој претставува 74,3 проценти од проектираниот БДП. Бруто побарувањата се пониски за 204 милиони евра. Се работи за 7,48 милијарди евра, или за 45,9 отсто од бруто домашниот производ. Овој сооднос ја држи Македонија во негативна меѓународна инвестициска позиција, која во тримесечниот период е на нивото од 8,96 милијарди евра (нето), односно 54,9 проценти од планираниот БДП за оваа 2025 година.

    „На крајот на првиот квартал од 2025 година, бруто надворешниот долг изнесува 12.117 милиони евра и забележа квартално намалување од 203 милиони евра. Бруто надворешните побарувања се намалија за 204 милиони евра и изнесуваат 7.487 милиони евра. При истовремено намалување на обврските и побарувањата во речиси идентичен обем, кај нето надворешниот долг бележиме минимално квартално зголемување, така што на крајот на март 2025 година тој изнесува 4.630 милиони евра“, наведено е во соопштението на Народната банка за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција во првиот годинешен квартал 2025 година.

    Воедно се образложува дек бруто надворешниот долг бележи квартално намалување од 203 милиони евра (1,7%). „Доколку се изземе влијанието на специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка врз долгот, бруто-долгот бележи квартално намалување од 99 милиони евра. Оваа квартална промена е резултат на намалениот јавен долг (за 87 милиони евра) и приватниот долг (за 12 милиона евра)“.

    Во тој контекст се додава дека ова намалување на јавниот надворешен долг е резултат „главно на падот на долгот на јавните банки и јавните претпријатија (за 70 милиони евра), на секторот држава (за 13 милиони евра) и на централната банка (за 3 милиони евра)“. А, падот на приватниот долг, пак, се должи на „намалениот долг на приватните банки (за 105 милиони евра), при зголемени обврски на небанкарскиот приватен сектор и капитално поврзаните субјекти (за 57 и 36  милиони евра, соодветно)“.

    За 204 милиони евра или за 2,6 отсто се пониски бруто надворешните побарувања што ги има земјава. На крајот од првото тримесечје изнесуваат 7.487 милиони евра. Сепак, и овде се нагласува дека „доколку се изземе влијанието на специфичните активности на централната банка поврзани со управувањето со девизните резерви, бруто надворешните побарувања се намалени за 161 милион евра и изнесуваат 7.442 милиона евра“. Ваквата промена, според толкувањата на Народната банка, е резултат на намалените јавни побарувања за 326 милиони евра, при зголемени приватни побарувања за 165 милиони евра. Додека кварталниот раст на надворешните побарувања кај приватниот сектор произлегува од зголемените побарувања на капитално поврзаните субјекти (за 170 милиони евра) и небанкарскиот приватен сектор (за 40 милиони евра). Истовремено, намалени се побарувањата на приватните банки (за 45 милиони евра).

    Во нето износ надворешен долг е 4.630 милиони евра, што значи 28,4 проценти од проектираниот БДП. И, не отстапува многу од состојбата регистрирана на крајот од претходниот квартал. „Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67,9 проценти“.

    Негативната нето меѓународна инвестициска позиција – МИП, на крајот од март достигнува 8.960 милиони евра. Најголемиот дел, или 94 проценти се нето-обврски произлезени од директните инвестиции, од кои 69 отсто се врз основа на сопственички капитал.

    „Кварталното зголемување на негативната нето МИП произлегува од намалените средства (за 121 милион евра) и зголемените обврски (за 72 милиона евра). Гледано по инструменти, кварталниот раст на негативната нето МИП за 193 милиони евра во целост произлегува од зголемените нето обврски врз основа на сопственичките инструменти“, наведуваат од НБРМ.

    Состојбата во која финансиските обврски ги надминуваат финансиските побарувања не е нова. Сепак, иако долгот е значителен, од централната банка оценуваат дека структурата и динамиката остануваат стабилни. Неодамна и министерката за финансии истакна дека „јавниот долг се движи во одржлива рамка“ и дека приоритет е негово контролирање преку фискална консолидација и поефикасно користење на заемите за капитални проекти, а не за тековна потрошувачка.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично