ПОВЕЌЕ

    ЕКОНОМСКИ МОТОР БЕЗ ГОРИВО: Како Германија ги губи квалификуваните имигранти

    Време зa читање: 4 минути

    Во срцето на Европската Унија, германската економија се соочува со сериозен проблем. Иако слабее и се обидува да го задржи своето глобално влијание, побарувачката за квалификувана работна сила никогаш не била поголема. Повеќе од 1,4 милиони работни места останале непополнети на крајот од 2024 година, што јасно укажува на тоа дека земјата се соочува со длабок структурен недостиг од работници. Сектори како што се здравството, информатичката технологија, градежништвото и занаетчиството, но и оние кои традиционално не се сметаат за технички – како воспитувачи во градинки, готвачи и возачи – се особено погодени. Овој недостиг е толку изразен што германската економија практично не може да функционира без странски работници.

    Денес, нешто над 16 проценти од сите вработени во Германија се странци. Тоа е повеќе од двојно во споредба со 2010 година. Во медицинскиот сектор, улогата на имигрантите е уште повидлива – секој петти вработен е странец, а повеќе од еден од шест лекари има странско државјанство. Во последниве години, вработеноста во негата порасна исклучиво благодарение на странскиот персонал.

    Но, додека Германија сè повеќе зависи од имигранти, тие сè помалку се сигурни дека сакаат да останат. Студија на Институтот за истражување на вработувањето (IAB), базирана на анкета спроведена меѓу 50.000 имигранти на возраст од 18 до 65 години, открива дека 26 проценти од испитаниците размислувале да ја напуштат Германија во последната година. Тоа се околу 2,6 милиони луѓе. Дополнително, околу 300.000 од нив – или три проценти – веќе имаат конкретни планови за емиграција.

    Половина од оние кои размислуваат за заминување сакаат да се вратат во својата земја на потекло, додека другата половина би се преселиле во трета земја, во потрага по подобри услови за живот и работа. Полска и Романија се најчесто споменувани како дестинации за враќање, додека Швајцарија, САД и Шпанија се меѓу најпосакуваните земји за оние што сакаат да продолжат понатаму.

    Особено загрижува фактот што оние кои најмногу размислуваат за заминување не се маргинализираните или најранливите, туку токму најобразованите и најинтегрираните имигранти. Луѓето кои дошле во Германија да работат или студираат, кои имаат високо образование, стабилни приходи и добро го зборуваат германскиот јазик, во најголем процент размислуваат за заминување. Во сектори кои бараат големи знаења и вештини, како ИТ, финансии и деловни услуги, дури 30 до 39 проценти од странците изјавиле дека размислуваат да ја напуштат земјата.

    Причините за ваквите намери се длабоки и комплексни. Економскиот мотив е силен – многумина се надеваат на подобри плати и кариера во други земји. Но, економијата не е единствениот фактор. Многу од испитаниците посочуваат дека чувствуваат дискриминација, особено на работното место, на пазарот на домување, во секојдневните контакти со институциите или во јавниот простор. Високите даноци и тешката бирократија, исто така, придонесуваат кон зголемената фрустрација. Дури една третина од имигрантите изјавиле дека не се чувствуваат или се чувствуваат само делумно добредојдени во Германија.

    Политичката атмосфера дополнително го влошува чувството на несигурност кај странците.

    Според проценките, земјата ќе треба да привлекува и задржи околу 400.000 имигранти годишно само за да го стабилизира својот пазар на труд. Населението старее, бројот на пензионери расте, а работната сила се намалува – што не само што создава недостиг на работници, туку и доведува во прашање како ќе се финансира пензискиот систем во иднина.

    Во меѓувреме, некои политичари нудат радикални решенија. ЦДУ, на пример, предлага студентите по медицина од странство да бидат обврзани да работат најмалку пет години во Германија по дипломирањето – особено во руралните области каде што има недостиг од лекари. Ако одбијат, би требало да ги вратат дел од трошоците за нивното образование. Министерството за здравство ја поддржува оваа идеја, со надеж дека на овој начин ќе се спречи одливот на кадар.

    Но, прашањето останува: дали Германија може да задржи луѓе со рестрикции и задолжувања, или ќе успее да создаде општество во кое луѓето ќе сакаат доброволно да останат и да придонесуваат? Одговорот на ова прашање ќе го одреди економскиот и социјалниот развој на земјата во наредните децении.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично