ПОВЕЌЕ

    Пратениците утре ќе гласаат за избор на шестиот гувернер на НБРМ

    Време зa читање: 2 минути

    Изборот на новиот гувернер на Народната банка, е прва точка на утрешната 52. собраниска седница. На предложениот Трајко Славески му се потребни 61 глас или просто мнозинство за официјално да го мине прагот на централната банка.

    Универзитетскиот професор е определба на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која изборот го направи меѓу тројца кандидати. „Претседателката се водеше од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот. Би сакале да потенцираме дека изборот беше тежок, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати“, информираа минатата недела од претседателскиот кабинет,

    Со тоа Славески ја доби можност да стане шестиот гувернер во самостојна Македонија, да раководи со НБРМ и да управува со монетарната политика, откако претходно беше министер за развој и за финансии. Како и претседател на Советот на Град Скопје, од каде што ќе премине во Народната банка.

    За изборот на Славески не се потребни гласовите на опозицијата, која најави дека нема да гласа за партиски кандидат.

    Во досегашната практика ова е втор случај личност од политичкиот живот да седне во гувернерската фотелја. Петар Гошев функцијата ја извршуваше од 2004 до 2011 година, а пред тоа беше министер за финансии, пратеник и лидер на ЛДП, од каде што се повлече уште во 1998 година.

    Според Законот за Народната банка, партиското членство е неспоиво со должноста гувернер. Барем за време на мандатот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично