ПОВЕЌЕ

    Од 27 октомври повторно летови Скопје – Ларнака: „Визер“ ја враќа линијата кон Кипар со државна поддршка

    Време зa читање: 2 минути

    По четиригодишна пауза, од 27 октомври 2025 година, граѓаните повторно ќе можат да патуваат од Скопје до Ларнака, Кипар, преку директни летови на нискобуџетната авиокомпанија „Визер“, потврдија за медиумите од Министерството за транспорт и врски.

    Официјалната потврда доаѓа откако министерот за транспорт, Александар Николоски, вчера на свеченоста по повод 15-годишнината на ТАВ Македонија најави дека е потпишан договор за субвенции за 11-тата дестинација од скопскиот аеродром – но без да ја открие дестинацијата. Сега е јасно: станува збор за Ларнака.

    Линија што се враќа по ковид-паузата

    Летот Скопје – Ларнака беше прекинат во 2020 година за време на пандемијата, а од тогаш не беше обновен. Сега, благодарение на субвенционираниот модел, авиокомпанијата повторно ќе ја воспостави линијата со три лета неделно во текот на целата година.

    Летови со државна поддршка – по 9 евра субвенција по патник

    Договорот со „Визер“ е дел од вториот јавен оглас за субвенционирање на авиолинии, за кој Владата издвои вкупно 3 милиони евра. Авиокомпаниите добиваат по 9 евра субвенција за секој патник што пристигнува на скопскиот аеродром, а договорите важат три години.

    Во рамките на истиот оглас, субвенции доби и „Изиџет“, кој од април веќе лета кон Париз (Орли), а од ноември ќе стартува и линијата Скопје – Женева. „Визер“, пак, од мај лета кон Барселона и Лион, а од октомври ќе стартува и линијата кон Штутгарт.

    Планови за нови дестинации – Прага и Мадрид на повидок

    Во меѓувреме, се работи и на проширување на понудата. Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, на прес-конференција кон крајот на април најави можност за директни летови од Скопје кон Прага и Мадрид, што би ја проширило европската мрежа на дестинации од македонската престолнина.

    Од охридскиот аеродром, пак, веќе се воспоставени летови до Истанбул (со „Туркиш ерлајнс“) и Базел/Милуз (со „Визер“), со што се проширува достапноста на меѓународни летови и од западниот дел на земјата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично