ПОВЕЌЕ

    Надворешниот долг 4,6 милијарди евра, негативната инвестициска позиција – 8,7 милијарди евра

    Време зa читање: 4 минути

    Надворешен долг од 12,32 милијарди евра имала државата на крајот од последното тримесечја на 2024 година. Тоа е бруто-износот кој претставува безмалку 80 проценти од БДП. Растот на должничките обврски во однос на побарувањата, за 183 милиони евра го зголемиле нето-износот, кој достигнал 4,63 милијарди евра. Зафаќа 30 проценти од бруто домашниот производ. Негативната нето меѓународна инвестициска позиција е 8,76 милијарди евра или 56,8 проценти од ланскиот БДП.

    На 31.12.2024 година, нето надворешниот долг изнесува 4.630 милиони евра (или 30% од БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2024 година е зголемен за 183 милиони евра, или за 4,1%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 71,7%“, се наведува во соопштението на Народната банка за позначајни промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција, кои се однесуваат на минатогодишен квартал.

    Во тој период бруто надворешниот долг е 12.320 милиони евра. Овде е регистриран квартален раст од 449 милиони евра. Бруто надворешните побарувања се зголемени за 265 милиони евра и достигнуваат 7.690 милиони евра. „Повисокиот раст на обврските, во однос на побарувањата, доведе до зголемување на нето надворешниот долг за 183 милиони евра, така што на крајот на декември 2024 година тој изнесува 4.630 милиони евра“, посочено е во соопштението.

    Оттаму произлегува и негативната нето меѓународна инвестициска позиција од 8.767 милиони евра, што претставува 56,8% од БДП за 2024 година. Најголемиот дел – од 94%, се нето-обврски врз основа на директните инвестиции, од кои 67% се врз основа на сопственичкиот капитал.

    Во објаснувањето за состојбата кај бруто надворешниот долг, од Народната банка се вели дека е забележано квартално зголемување од 449 милиони евра, или за 3,8%. Но, ако од долгот се исклучи ефектот од специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка, тогаш бруто-износот е повисок за 632 милиони евра.

    „Оваа квартална промена е резултат на зголемениот јавен долг (за 532 милиона евра) и приватен долг (за 101 милион евра). Кварталното зголемување на јавниот надворешен долг од 532 милиона евра е резултат на зголемениот долг на секторот ‘држава’ (за 465 милиони евра), на јавните банки и јавните претпријатија (за 61 милион евра) и на централната банка (за 6 милиони евра). Растот на приватниот долг се должи на зголемениот долг на приватните банки (за 99 милиони евра) и на небанкарскиот приватен сектор (за 45 милиони евра), при пад на долгот на капитално поврзаните субјекти (за 43 милиони евра)“, наведуваат од НБРСМ.

    Споредено, пак, со крајот на претходната 2023 година, бруто надворешниот долг е повисок за 964 милиони евра, или за 8,5%. Резултат е на зголемениот приватен надворешен долг – за 672 милиона евра и на јавниот долг – за 449 милиони евра.

    За бруто надворешните побарувања се посочува дека изнесуваат 7.690 милиони евра (49,9% од БДП) и во однос на последниот квартал од 2023 се поголеми за 701 милион евра. Кварталното зголемување е за 265 милиони евра (+3,6%). Произлегува од зголемените јавни побарувања за 594 милиони евра, во услови на намалени приватни побарувања за 227 милиони евра.

    Што се однесува до нето-износот на надворешниот долг, во последниот лански квартал е повисок за 183 милиони евра или за 4,1%. „Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 71,7%. Во однос на крајот на 2023 година, нето надворешниот долг е зголемен за 264 милиони евра (или 6%), во услови на зголемување на нето приватниот долг (за 408 милиони евра) и намалување на нето јавниот долг (за 144 милиони евра)“, појаснуваат од НБРСМ.

    Во делот на негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е забележано зголемување за 193 милиони евра. За една година негативата е продлабочена за 455 милиони евра, како резултат на растот на нето-обврските врз основа на должничките и сопственичките инструменти за 264, односно за 192 милиони евра.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично