По големата трагедија во Кочани, во која животот го загуби 51 лице, здравствениот систем се мобилизира за пружање помош и интервенции на повредените лица. Повредените се хоспитализирани во Кочани, Штип и во Скопје, односно згрижени се 118 лица. Своите капацитети ги стави на располагање и „Аџибадем Систина“, каде што се примени пациенти со поголеми повреди.
„Ја информираме јавноста дека Клиничката болница „Аџибадем Систина“ со сите свои ресурси се става на располагање за транспорт и прифаќање на повредените лица во трагичната несреќа во Кочани.
Ве известуваме дека веќе е направен прием на тешко повредени пациенти во болницата. Болницата е во постојана комуникација со Министерството за здравство и се вклучува во помош онаму каде е најпотребно“, информираат од болницата.
Како што наведуваат, на располагање се 20 интензивни места за третман на најкритичните пациенти, како и целокупниот капацитет и медицински тим на болницата неопходен за итен третман.
Настраданите и повредените се жртви од пожарот што ја зафати дискотеката во Кочани, за време на концертот на групата ДНК. Првичните информации и видео-снимките упатуваат на тоа дека оганот е предизвикан од пиротехничките средства користени за светлосни ефекти. Искрите го зафатиле таванскиот дел од лесно запалива материја, па пожарот брзо се проширил.
Според министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, пожарот бил пријавен околу 2:35 часот од полициски службеник од ОВР Кочани, кој во моментот, во дискотеката „Пулс“ постапувал по план за контрола на угостителски објекти.
Тешко повредени се и дел од организаторите, соопшти Тошковски, додавајќи дека во рамките на соодветната постапка има и приведени.
МВР ги презема сите мерки за истражување на причините за трагедијата. Дежурен јавен обвинител е излезен на терен и работи на случајот.
Понуди за медицинска помош пристигнуваат од соседните земји.
Во меѓувреме, бројни семејства бараат информации за своите деца преку социјалните медиуми.