Виолета Дудулоска Алавања е новиот извршен член на Одборот на директори и овластено лице за застапување на прилепскиот Современ дом. На оваа позиција доаѓа откако Ацо Дудулоски престанал да ја извршува функцијата. Тој останува во највисокото тело на управување како неизвршен член.
За промените од компанијата информираат преку Македонска берза:
„Согласно одлуката од Одборот на директори на Современ дом АД Прилеп, членот на Одборот на директори г-дин Ацо Дудулоски престана да ја извршува функцијата како извршен член на Одборот на директори и овластено лице за застапување на Друштвото и во иднина функцијата член на Одборот на директори ќе продолжи да ја извршува како неизвршен член, до истекот на мандатот за кој е именуван. На истата седница г-ѓа Виолета Дудулоска Алавања е избрана за извршен член на Одборот на директори и овластено лице за застапување на Друштвото до истек на мандатот за кој е именувана како член на Одборот на директори“.
Во Одборот на директори се и Жаклина Серафимова како член и Коце Јанески – независен член.
Паралелно со оваа објава, на берзата се појави и известување од Македонијатурист за новоформираниот Управен одбор, во кој член е и Ацо Дудулоски. Во тамошната акционерска структура доминантен е Скопски пазар, каде што Современ дом е косопственик.
Што се однесува до работењето на Современ дом, минатата година ја заврши со добивка од 358 илјади евра. Фирмата заработува од издавање на сопствените објекти кои ги има во Прилеп, но и во други градови низ земјава. Таа дејност лани обезбедила приходи од 1,8 милиони евра.