Ако независната македонска културна сцена имаше лик – тој бездруго ќе беше ликот на оваа мудра, кревка и храбра жена. Искра Гешоска повеќе од 20 години е факторот на поврзување, градење заеднички стратегии и отпор на овој сектор наспроти устоличената институционална култура. На тој пат, во партнерство со многу соборци и соборки, таа создаде неповторливи вредности – како културниот центар Точка и фестивалот за критичка култура КРИК, и најважно од сѐ – дух на неустрашивост, идеја за заедништво и визија за една подобра иднина на оваа сцена. Гешоска е теоретичар на уметност и менаџерка, добитник на Гете медалот за 2024 година за исклучителни постигнувања во областа на културата.
Пари: Искра, како се чувствува еден доблесен човек во овој свет на испревртени вредности?
Гешоска: Како на отворено море, океан со многу предизвици, непредвидливи простори на големи и опасни бранови што треба да се совладаат, а зад кои се крие посакуваниот спокоен хоризонт. Постојано, истрајно маневрирање со едрата на малиот брод што се бори со наездата на немирното море. Нежен, но храбар делфин што им се спротивставува на ајкулите и со насмевка и пркос создава безбеден простор за сите останати суштества.
Пари: Ти си една исклучително ретка жена, која целиот свој професионален век го посвети на развојот и демократизацијата на македонската културна сцена. Со што се гордееш од постигнатото и го сметаш за исклучително важно? Која е најважната лекција што ја научи на овој пат во изминативе 30-ина години?
Гешоска: Тоа што го чувствувам од раната детска возраст како основен порив, е своевидно тетовирање на грижата за оние што интимно ми значат, но и за пошироката заедница. Тоа, претпоставувам, не се учи. Тоа е нешто што длабоко, онтолошки, во синергија на емоционалното и когнитивното се осознава во разните контексти во кои се наоѓате. Низ целиот свој пат, почнувајќи од семејството, преку најраните училишни сеќавања, до денес, се упатувам со тој сообраќаен знак, со тој порив ‒ да се грижам за тоа што сметам дека е праведно, обидувајќи се и радувајќи се, дури и во овој тажен меѓучовечки калабалак, да се создаде контекст во кој нема да се погази ничиј интегритет. Чувството на одговорност кон другиот е тоа што ме определувало отсекогаш. Со текот на годините, ваквиот порив прерасна во артикулирана идеолошка, етичка и политичка позиција.
Мојот придвижувач е копнежот кон создавањето зони на припаѓање, на грижлива взаемност, на мисловна, креативна поддршка којашто ќе биде заснована не само на реторика и теорија, туку и на силно политичко и општествено дејствување коешто се движи од долу кон горе.
Културата и уметноста се одговорни за постоењето или непостоењето на ваквите автономни, слободни зони на заедништво и поддршка. Страдањата на милиони сиромашни, гладни, отфрлени, унижени, потиснати луѓе ширум планетава којашто буквално вреска затоа што ја рануваме катадневно со нашето безумие и алчност, поминуваат речиси незабележано. Aрогантно ги игнорираме болката и маката на илјадници луѓе, затоа што тоа „умирање“ се случува „таму некаде“, не во нашиот „цивилизиран и еманципиран“ и „добро уреден“ двор.
Се разбира, не е едноставно да се истрае на ваквиот пат, особено во време и во земја каде што сите аргументи се против идејата за грижливоста и заедницата. Екосоцијалните утопии се избербатени од високите политички играчи, од оние што требаше „професионално“ да го осмислуваат општеството. Грижата не поднесува состојба на статус кво, не поднесува конформизам, не поднесува лага, не поднесува опортунизам.
Во мојата повеќе од триесетгодишна пловидба низ културните, етички, естетски практики во кои заедно со голема група луѓе сме верувале и сме дејствувале, градејќи и истражувајќи ги како во лабораторија моделите на културните и уметничките практики, сум поминала низ разни Сцили и Харибди. Се разбира, не е лесно во ниту една смисла. Кога се борите за идејата за слобода и правда, мора однапред да знаете и да бидете подготвени дека вашето тело ќе претрпи разни засеци, рани, крвавење и гној. Но, радоста е поголема од болката кога ќе согледате дека таму некаде, на хоризонтот, сепак сѐ уште трепери трагата од вашиот сон.
Пари: Ретка си и како личност ‒ оние што те познаваат знаат дека нема голема разлика меѓу Искра професионално и приватно ‒ естетка, максимално работлива, посветена, борбена… Твојата приватнoст е длабоко испреплетена со тоа што е твоја професионална определба. Како луѓето го восприемаат твојот перфекционизам, посветеност?
Гешоска: Јас, едноставно, не стравувам од можноста да се биде скршен, да се згреши, да се биде предизвикан, да не се успее, да се согледа дуплото дно и во него да се види сопственото лице. Всушност, сметам и дека не постои друг пат, освен оној на кој ќе се соочите со неугодното, со ранливото и во нас и во светот и во ближните – само така може да се изгради светот на вистината, без која не можеме да постоиме. Само така може да кажеме дека низ искуство и знаење на умот и на срцето сме изградиле релации, сме создале очовечени, благородни светови во рамки на „големиот, наметнат и во голема мера неправден свет“.
И приватно и професионално немам превези, немам повеќе лица, немам дупли пораки. Со сета своја допадливост или недопадливост, со сите свои мани и со по некоја своја доблест, чекорам кон другите, кон интимната и кон општествената заедница. Достоинството ми е многу важно – дури и кога чувствувам дека стапнувам во жива кал во која можам да потонам, и тогаш најбитно ми е достоинството. Еднакво битни ми се лојалноста и доследноста, не само на сопствените принципи и заложби, туку и на оние со кои заедно сум тргнала на патот во создавањето на наративите на микро- и макрозаедништвото. Кога велам лојалност и доследност, не мислам на статична, поданичка позиција, туку на многу динамична, критичка акција којашто постојано подложи на преиспитување. Но, не поднесувам тоа преиспитување да биде зад завесите туку транспарентно.
Мислам дека, пред сè, поставувам стандарди во однос на своето дејствување. Тоа не е строг аксиолошки систем – едноставно, станува збор за неколкуте точки што ги наведов погоре. Се обидувам, некогаш и до истоштеност, да останам доследна во градењето релации и заедници на пријателство, солидарност и емпатија. Ама свесна сум дека потфрлам. Не е едноставно во светот и контекстот, каков што е нашиов, каде што нештата се превртени наопаку, да се остане доследен.
Луѓето, мислам, сè почесто имаат взаемна начелна недоверба. Тоа води кон огорченост и своевидно пасивизирање. Па, така, секој секому му станува товар. Во контекст каде што преживувањето е на сцена, сè останато е товар.
Пари: Еве нѐ во Северна Македонија во 21 век. Како, како жена, независен играч, се чувствуваш во овој контекст?
Гешоска: Комплицирано, често невидливо, недослушнато. Еднаш, на прашањето што ми го поставија пријателките од Тиииит!инк. и фестивалот Прво па женско, за тоа која е мојата позиција како жена, одговорив: „Одбивам да поданичам пред немирот што го исцртуваат сенките на втолпените наративи на заедницата. Одбивам да ги голтам солзите притајувајќи се во еден агол од културата на тишината. Одбивам да бидам обликувана од општествената диктатура чиишто диригенти наложуваат животот да се отпее само во еден тоналитет. Одбивам да му припаѓам на „моралното мнозинство“. Одбивам да бидам трауматски отпадок на паланечкото што се вткајало во политичкото. Одбивам да бидам алатка за затскривање на тортурата зад парадигмите на културата. Одбивам да бидам катализатор за гревовите на насилната историја. Одбивам да бидам обезглавен врат. Одбивам да бидам муза за поттик. Одбивам да бидам трансфер на колективната вина. Одбивам да бидам кошница за собирање гласови. Одбивам да бидам само текст испишан на транспарент. Одбивам да бидам заедно само за да не сум сама. Одбивањето не е нихилизам – тоа е патување низ кревкостa на соочувањето. Живеам како везилка. Затоа што сме везилки коишто внимателно ги расплетуваат најзамрсените конци на љубовта соочувајќи се со смртта како со пријателка. Затоа што сме тела коишто со своето „срце што мисли“ ја ткаат тајната на времето.“
Во мене постои доминантно копнежот за промена, пред сѐ, промена во востановените мислечки матрици, како колективни, така и индивидуални, што подразбира промена во поимањето на идејата за праведно општество. Вистинската побуна и вистинскиот отпор не се некоја апстрактна вежба. Отсекогаш клучното било да се застане наспроти неправдите, наспроти бедата во која се наоѓа светот и човековиот живот. За да бидеме среќни треба да тежнееме кон еманципација на општествените контексти, кон промена на полињата на моќта.
Пари: Неодамна го доби високото германско признание Гете за исклучителни постигнувања во областа на културата. Искра, го посведочивме постигнатото, но што е тоа што не успеа да го направиш, а посакуваше?
Гешоска: Не успеав да ја променам позицијата на независниот културен сектор. Тој се прпелка до ден денешен на работ на исчезнувањето. И не успеав во целост да го реализирам сонот за темелно поврзана структура на секторот којашто ќе дејствува стратешки и тактички. Постојат многу причини за тоа, не станува збор за изолиран неуспех. Но, ете, тоа е борбата којашто мислам дека и јас и целиот сектор не успеавме да ја заокружиме. Иако, таа борба, секако, продолжува.
Сметам дека сега, повеќе од кога и да е, треба да ја мислиме културата, да ја преобмислуваме нејзината улога, одново да си го објасниме нејзиното значење. Во кризни времиња, во тензичност, во страдање, во револт, културата не умира туку раѓа поинакви формати коишто се основа за понатамошното опстојување. Во војни, во заробеништва, во опресија, уметниците секогаш учествувале и се бореле проактивно со своето творештво, но и со својот глас, застапувајќи се, главно, за новата визура на политичкото.
Мимоза Петревска Георгиева
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска