Социјалното претприемништво е важен економски сегмент во секое општество, а државата треба да му ја признае улогата и придонесот во социјалната сфера и во економијата, како на пример во областа на заштитата на животната средина во која работи нашата компанија, Реди Рециклажа, која, исто така е социјална компанија и која, со оглед дека не е заснована на истите принципи како бизнисите засновани на идејата за профит, не би требало да бидат третирани наеднаков начин со нив, со оглед на високиот степен на општествена одговорност која им е главниот двигател, вели Дина Арнаут, извршна директорка на Реди Рециклажа, во интервјуто дадено за NEW BIZ PODCAST.
„Бизнисите кои се основани за профит, се основани од човек со идеја за заработка и тој превзема чекори тој профит и да го материјализира. Социјално претприемништво го основа човек кој има идеја за општествена корист, и обично тој човек не е ист со онок чија цел е да создаде профит, бидејќи човекот има идеја, ги нема капацитетите, ресурсите, идеите, административните постапки не ги познава, тоа е една прва разлика меѓу нив. Секој потенцијален евентуален профит од такво социјално претпријатие се реинвестира во идејата, мисијата и целта на социјалното претпријатие“, вели Арнаут.
Евентуалниот профит кој го заработуваат социјалните претпријатија „секогаш значи или повеќе вработувања, повеќе електрични трицикли, можеби нов камион, нешто што ќе ни ја олесни оперативната работа. Ние од таа причина немаме ресурси да се промовираме, да купуваме билборди, сето она што го имаат претпријатијата водени од профит, кои имаат буџетски ставки за реклама, ние се обидуваме повеќе да работиме со личен контакт, што би се рекло, на мускули, со пријателства, со користење на лични контакти.
Арнаут вели дека донесувањето на законска регулатива за социјално претприемништо значително би ги подобрило состојбите во нашата држава на тој план. Не би требало да претставува проблем добрите примери од други земји да се ископираат и прилагодат за кај нас.
Дина Арнаут: Време е за зелена револуција! I New Biz Podcast #14
„Во ЕУ е доста развиен тој концепт, а ние сме претенденти за влез во ЕУ така да треба од таму да црпиме примери. Постоењето законска регулатива за социјално претприемништво би значело дека барем половина од предизвиците кои кои се соочуваат претпријатијата со социјално претприемништво би исчезнале, бидејќи пред се административните обврски како за огромна компанија така и за нас“.
Според извршната директорка на Реди Рециклажа добро осмислени олеснителни давачки и даноци исто така се сегмент кој многу би можел да помогне во нивната работа, посебно кога се во прашање вработените, бидејќи тоа е нешто што многу го оптоварува буџетот непотребно. „Треба да постои свесност дека човек што работи во социјално претпријатие, работи за општеството, односно за државата. Исто така и пристапот кон јавни набавки, доколку социјалните претпријатија би добиле можност или предност како што е случај во многу европски држави, да учествуваат во процесот на јавни набавки, тие би имале некаква сигурност и стабилност, која би била многу подолгорочна, отколку што ја имаат сега. Сега тие преживуваат, зависат од странски донатори, оптоварени со давачки, со формалности и бирократија“.
Арнаут е согласна дека општествената одговорност е важен сегмент и за оние кои работат исклучиво за профит, доколку се однесуваат како општествео одговорни компании.
„Компаниите би требало да имаат огромна улога кон придонесувањето кон општественото добро и многу од нив го прават тоа, многу од нив реинвестираат во заедницата преку донирање во одредени хуманитарни организации, поддржување на спортски настани и спортисти, но ние како Реди Рециклажа сме секогаш некако настрана, досега немаме соработка иако навистина сакаме да оствариме соработка со приватниот сектор. Потреба е едукација кај компаниите – колку е важна општествената одговорност и колку потрошувачите го забележуваат и дека секоја нивна инвестиција во социјално претприемништво би им се вратила дупло со добро. Не само да се стави на хартија дека поддржале некој спортски натпревар, туку да се види каде се инвестира, зошто се инвестира и колку таа инвестиција понатаму има влијание на заедничкото општествено добро“.
Според Арнаут, ЕСГ и ЦСР стандардите дефинитивно треба да бидат дел од сечија корпоративна политика. “Кај нас постојат компании, кои се водечки во секторот во кој работат, кои се лидери во ЕСГ репортирањето моментално, но помалите или средните компании на тоа гледаат како – ете они имаат пари па затоа тоа го прават, но не гледаат дека тие веќе каскаат, дека ЕСГ стандардите не се од вчера и дека можеби нема да биде за утре, но ќе биде за многу брзо нешто што ќе биде стандард, во тоа сум сигурна, бидејќи зелената транзиција е нешто што е неизбежно и нешто што Европската Унија го потенцира и го поддржува во сите свои политики и директиви и мислам дека е многу подобро да се почне навреме одошто да се чека тоа да го имплементираат сите па да го направиме чисто колку да го има“.
Компаниите кај нас мораат да ја препознаат својата одговорност, еколошката одговорност, одговорноста во управувањето, транспарентноста и социјалната одговорност, грижа за своите вработени и грижата за општесвото во кое функционираме. „Мислам дека ЕСГ ќе биде иднината на претприемништвото во Северна Македонија“, заклучува Арнаут во NEW BIZ PODCAST .
Целата епизода и слични на оваа се достапни на New Biz Podcast