Во услови на недооформен систем за управување на отпад во нашата држава, многу е голема и важна улогата на неформалните собирачи на отпад и на социјалното претприемаштво, кое има за цел да го искористи потенцијалот на оваа група на луѓе и нивниот ангажман во процесот на селекција на отпадот и неговото рециклирање. Државата би требало да го признае придонесот на неформалните собирачи на отпад и помалите иницијативи за зелена економија и да им овозможи подобри услови за работење, смета Дина Арнаут, извршна директорка на РЕД Рециклажа, во интервјуто дадено за NEW BIZ PODCAST со Наташа Велковска.
РЕДИ Рециклажа е социјално претпријатие кое се бави со рециклирање на отпад. Според Арнаут, моментално, околу 25.000 луѓе во државата се секојдневно вклучени во активноста на нивната компанија, која се занимава со собирање и рециклирање на отпад. „Тоа се луѓето кои ги користат нашите услуги на собирање на пластика и ситен електронски отпад во нивните згради или живеалишта. Најпозитивниот аспект на нашите услуги за нашите корисници е можноста која им ја даваме, која од една страна е бесплатна, а од друга имаме голема пристапност, наместо да одат до контејнер да се ослободат од својот отпад кој може да се рециклира, тие тоа можат да го сторат пред својот влез или куќа, канцеларија, училиштето. Всушност, им го правиме селектирањето отпад многу попристапно и тоа се надеваме ќе придонесе да се зголеми процентот на правилно селектирање и рециклирање на отпадот“.
Најголемиот број на корисници на услугите на претпријатието РЕДИ Рециклажа Скопје, а еден помал дел се во градовите во внатрешноста. На прашањето зошто системот на рециклирање има најголем број интересенти осносно клиенти во Скопје, извршната директорка на Реди Рециклажа го гледа во непостоењето инфраструктура надвор од Скопје, но смета дека недостига и едукација. „Повеќето активности се фокусирани на главниот град, точно е дека има иницијативи и во другите градови, но кога се работи за собирање на електронски отпад, луѓето од другите градови се воодушевени што им се пружа таква можност. За разлика од Скопје, таквите можности во другите градови се мали, а важно е на сите да им биде дадена можност“.
Граѓаните кои им се обраќаат многу често сакаат да знаат се случува со собраниот отпад, што му правиме, но и дали плаќаме за собраниот отпад. „Прашуваат: Каде ќе оди, на Дрисла ли ќе го носите, бидејќи во доста случаи граѓаните се разочарани од постојниот систем за управување со отпад, што е разбирливо, но јас се обидувам да им објаснам дека се што собираме, секое шише, секое капаче, секој маус и тастатура завршуваат таму каде што треба да завршат, односно на рециклирање. Се обидуваме на граѓаните да им објасниме дека го рециклираме и зошто е тоа важно. Некои се одлучуваат да му го продадат тој отпад на неформален собирач на отпад, а некои, откако ќе позборуваме, ќе се одлучат тоа да го сторат преку нас и да се осигураат дека нивниот отпад ќе стигне таму каде што треба“, вели Арнаут и додава: „Граѓаните се среќни што им даваме можност да се ослободат од отпадот одговорно“.
Извршната директорка на РЕДИ Рециклажа особено става акцент на улогата на неформалните собирачи на отпад, кои се секојдневие на скопските улици, но како да не постојат за државата и се непризнаен иако значаен фактор во системот за селектирање и управување со отпад. „Во централното градско подрачје можеме да забележиме доста луѓе кои чепкаат по контејнери или одат со импровизирани возила, мопеди, носат огромни кеси за собирање пластика. Граѓаните често немаат позитивно чувство, постои нивна стигматизација, нивно маргинализирање, дискриминација, тие често се подложни на физички напади од страна на граѓани, државни службеници…нивниот живот не е лесен, иако кога ќе ги види некогаш човек, тие делуваат дека се посреќни и од мене… Тие луѓе најчесто не се ни свесни за можностите кои постојат бидејќи немаат прилика да се запознаат со можностите“
Од РЕДИ Рециклажа се обидуваат да вклучат што е можно поголем број на вакви собирачи на отпад во својот систем, им нудат работно место, но некои од нив не сакаат бидејќи се научени на тој живот, а некои од нив се заинтересирани па прифаќаат формална работа. „Нивната приказна е тешка, а нивниот придонес кон нашата економија и стапка на рециклирање е навистина голем, посебно во делот на пластичен амбалажен отпад и електронски отпад, значи тие придонесуваат многу, а се непризнаени, отстранети од системот, стигматизирани“, вели Дина Арнаут. „Затоа РЕДИ Рециклажа сака да им понуди можност да бидат дел од формалниот сектор за управување со отпад, да имаат фер плата и фер работни услови, социјално и здравствено осигурување и се она што следи со стабилен работен однос“.
За жал, оние кои се грижат за животната средина, кај нас се нарекуваат ентузијасти. Државата треба да направи многу повеќе за своите граѓани, а нас, кои работиме социјално одговорна работа да добиеме признание од државата и неформалните собирачи, дали преку нас или на друг начин, да бидат формално интегрирани во системот за управување со отпад, заклучува Дина Арнаут во разговорот за NEW BIZ PODCAST.