Извонредното вино има своја самодоверба преку сложениот, примамлив мирис на зрело овошје, земја, зачин. Идеалната рамнотежа на непцето е меѓу киселоста, танинот, алкохолот и длабочината на вкусот, каде што ниту еден елемент не го засенува другиот, вели Јадранка Клариќ-Кимовска, сопственичка на винскиот бар Вајн Бери и вински експерт.
Во интервјуто за порталот Пари, амбасадорот и почесен член на Асоцијацијата на семејни винарници на Македонија вели дека со соодветна поддршка земјава може да биде винска дестинација со богата винска понуда.
Пари: Основачка сте на еден од најпопуларните вински барови во Скопје и Македонија – Вајн Бери. Како почна приказната на ова удобно мало место и како тоа стана култно сврталиште на љубителите на вино?
Клариќ-Кимовска: Приказната за Вајн Бери ја мислев многу години претходно, но таа конечно се реализираше пред четири години, како едно навистина урбано винско катче во Скопје. Вајн Бери е вински бар – бистро, кое е единствено во нашата држава каде што се служи исклучиво вино, вода и кафе. Немаме други пијалаци. Исто така, тоа е единствената локација каде што се одржуваат професионални вински дегустации. Уникатноста на Вајн Бери, мојата посветеност, како и поддршката од семејството, резултираа со една возбудлива приказна што трае веќе четири години.
Пари: Од каде потекнува вашата љубов и познавањето на вината?
Клариќ-Кимовска: Љубовта кон виното е нешто што природно се наметна кога почнав да работам во познатата винарница Стоби. Како целосен непознавач на виното морав да почнам да се едуцирам за да можам да ги осознаам сите убавини и тајни на виното. Образована сум на еминентната школа за вино во Лондон WSET (Wine & Spirit Education Trust) и сега сум ниво три, а запишана сум на ниво четири во кампусот во градот Руст во Австрија. Со ова стекнав титула вински експерт и успеав да станам интернационален вински судија што се занимава со оценување на вина на познатите натпревари Mundus Vini – Германија и Concours Mondial de Bruxells. Сето ова ми помогна да создадам контакти на интернационално ниво со луѓето од винскиот свет. Тоа направи да сум навистина компетентна во сите области поврзани со виното и винската култура.
Горда сум што сум по татко Хрватка. Моето потекло е од Далмација – Шибеник, каде што сме скоро секоја година и каде што ги истражувам убавините на хрватските вина.
Пари: По повеќедецениската работа со вино, како, со неколку реченици, би опишале извонредно вино?
Клариќ-Кимовска: Извонредното вино има своја самодоверба – прво преку сложениот, примамлив мирис на зрело овошје, земја, зачин. На непцето, хармонијата е таа што зачудува и возбудува: идеалната рамнотежа е меѓу киселоста, танинот, алкохолот и длабочината на вкусот, каде што ниту еден елемент не го засенува другиот. Доброто вино ќе го препознаете не само по вкусот, туку и по емоциите што ги предизвикува. Кога првиот впечаток е елеганција и рамнотежа, вториот – сложеност и текстура, а третиот – комплексност и чувство дека сте доживеале нешто прекрасно.
Препознавањето на вината се учи со години, најмногу преку дегустирање многу вина од различни региони и од различни сорти.
Пари: Ве изненадило ли пријатно некое вино за кое не сте очекувале?
Клариќ-Кимовска: За вкусовите не се расправа, така е и со виното. Секој си има свој фаворит и секој има различни погледи за тоа кое вино е најдобро. Што сакам јас и што ми се допаѓа мене? Македонски вранец, калифорниско каберне совињон, новозеландски совињон бланк, бордо – секогаш, како и провансалско розе, германски ризлинг… Секој вински регион си има вина што се уникатни и за воодушевување. Секако, најголемите производители во светски рамки ги прават и најубавите вина: Италија, Франција, Шпанија. Но, сметам дека најубавите вина доаѓаат како сорти што го карактеризираат поднебјето од каде што доаѓаат, поднебјето каде што се направени и традицијата што дава уникатен допир во тие вина.
Пари: Каде стојат македонските вина на таа скала?
Клариќ-Кимовска: Нашата земја е винска земја. Иако не сме позиционирани високо на светските мапи, имаме навистина убави вина. Кратошија, вранец, темјаника – тоа е нешто што е наш регионален печат. Во Македонија навистина се прават најубавите вина од овие регионални сорти. Но, секогаш е проблем поддршката од индустријата и малата маркетиншка поддршка. Ние можеме да бидеме навистина винска дестинација и да имаме богата винска понуда со соодветна поддршка.
Пари: Како да ги заинтересираме туристите што доаѓаат во Македонија за македонските вина?
Клариќ-Кимовска: Со моето долгогодишно искуство и работа во винската индустрија откривав начини како подобро да ги презентираме нашите богатства и вредности. Во Вајн Бери работам со странски вина од различни вински региони, но уште поинтересно е дека работам и со мали семејни винарници од Македонија коишто навистина потешко се наоѓаат на пазарот.
На почетокот не беше лесно, но бев упорна во тоа да ги промовирам овие винарници како уникатност на нашата винска индустрија. Сите тие вина се прекрасни, но немале можност да бидат понудени на отворениот пазар. Работам со повеќе од 40 семејни винарници, а со формирањето на Асоцијацијата на семејни винарници на Македонија пред четири години, именувана сум за амбасадор и почесен член на таа асоцијација, на што сум навистина горда.
Оттука се јави интересот и за развивање и поддршка на семејните винарници во областа на винскиот туризам. До пред неколку години во Македонија немаше сместувачки капацитети во најголемиот вински регион, Тиквеш. Сега сме горди што имаме четири винарници со апартмани, каде што туристите можат да уживаат во нашите вински региони и во нашите вина.
Во соработка со Швајцарската амбасада и проектот IME (Increasing Market Employabilility), Вајн Бери ја направи и првата онлајн платформа за вински туризам, каде што туристите коишто се заинтересирани за винска тура можат да ја погледнат и да одлучат каков тип винско искуствo сакаат да доживеат.
Мимоза Петревска Георгиева
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска