Данчо Димков е претприемач, основач и извршен директор на BizzBee Solutions -македонска агенција за продажба, маркетинг и консултански услуги. Но, најмногу од сè, тој е силен поборник за напредок. Тој едноставно е инспириран од растот и напредокот на луѓето, компаниите, односите и деловните активности. Споделувајќи го своето знаење, енергија и љубопитност во сè што прави, тој во текот на сета своја кариера го поттикнува личниот раст и развојот на другите со кои што соработува. Како сертифициран менаџмент консултант и претприемач тој смета дека е негова должност да ги води малите претпријатија и бизниси на патот кон успехот.
Животното дело на Димков продолжува со други активности, автор е на книги, консултант, работи на докторски студии, говорник е, инвеститор, но како ги комбинира сите тие улоги? Наташа Велковска разговара со Димков во четвртата епизода од поткастот New Biz.
„Некако работите се движат по инерција, првата книга што ја напишав „Sweet leads“ беше со намера да ги документирам процесите во компанијата, си бев сам свој консултант којшто си реков ајде да го мапираме цел процес на lead generation. И првичната цел мене ми беше да направам упатство за вработените за да не морам на секој вработен од почеток да им кажувам, значи да се автоматизира процесот, и потоа рековме дека ова може да биде и добра книга и со мала адаптација ги претворивме во 6-7 електронски книги коишто уште стојат на нашата страна, и тука се споија коцките каде што реков ама овие 6 електронски книги можам да ги спојам во 6 поглавја и со тоа добивам книга. Имаше малку истражување, најдов издавачка куќа во Англија која што застана зад книгата, издадена е во Англија како принтана верзија, имаме направено и аудио книга и реков ова е одличен начин за компанија да се позиционира како авторитет на пазарот“, објаснува Димков.
Тој вели дека директно од продажба, на книги, никој не се збогатува меѓутоа кога има клиенти коишто размислуваат дали да работат со нив или со некои други, и кога ќе видат дека тие имаат авторитет односно издадено книги на темата, автоматски добиваат конкурентска предност споредено со другите компании.
„Втората книга „8 Qualities for great leadership“, повторно беше некако инцидентно созадена, се собравме неколку сопственици од различни делови од светот – од Канада, од Америка, од Европа, и рековме ако сите напишеме по едно поглавје лидерство заедно како задруга можеме да издадеме книга, и тоа беше супер можност за да видам како е да соработуваш со неколку луѓе за издавање на проект. А, пак, третата книга што ја издадов „A journey to financial freedom“ сакав баш да го документирам процесот како за секој што има идеја да влезе во претприемничките води и да стигне до финансиска слобода. И многу накратко го одев процесот – од имам идеја како да станам freelancer, да добијам вештини, па како да станам претприемач, како да почнам дел од проектите да ги добивам, а да ги делегирам на некој друг, па како да прераснам во компанија со стартегии за раст на компанијата, па сѐ до крајната фаза како да може вишокот од добивката за компанијата да се диверзифицира со надеж да се почне да се навлегува во инвеститорските води“, упатува Димков.
Оваа книга е прирачник за како од обична вештина да направите алатка која што ќе го трансформира животот и ќе овозможи да се создаде одржлив бизнис којшто ќе даде можност да се живее онака како што некој посакувал – слободно, неограничени од економска состојба.
Целата епизода и слични на оваа се достапни на New Biz Podcast