ПОВЕЌЕ

    Граѓаните се острат за бојкот, Мицкоски енормните цени ги смета како напад на државата

    Време зa читање: 3 минути

    Во петок на бојкот! Повикот предизвика големи бранувања и реакции од граѓаните – од сесрдна поддршка, преку напомени да не се пазари во големи количини во деновите пред и по бојкотот, па се до укажувањата за краткорочната ефикаснот на потегот и потребата властите да се ангажираат за сузбивање на проблемот. А, има и такви кои не веруваат во подготвеноста на нашиот народ да го крене гласот во одбрана на своите потрошувачки права.

    „Треба да се живее, да се јаде и да се пие секој ден. Државата, односно Владата треба да донесе закон за контрола на цените на артиклите, инспекторите да вршат детална контрола, а кој нема тоа да го почитува, да се казни со драконски казни, ама не со зборови, туку вистински…“, се дел од размислувањата на граѓаните.

    Иницијативата доби поддршка и од позицијата и од опозицијата. А, како и во другите држави кои по примерот на Хрватска, за овој петок најавуваат бојкот и за тоа позитивно се изјаснија тамошните политичари, така и кај нас премиерот Христијан Мицкоски има целосно разбирање за повикот на граѓанска акција. Воедно, уверува дека се преземаат конкретни мерки, во вид на засилени контроли во трговската мрежа и итна реакција на терен.

    „Ве уверувам дека преземаме конкретни мерки: Денес остварив средба со Комисијата за заштита на конкуренцијата, министерот за економија, заменик министерот за економија и директорот на пазарната инспекција. Наложив засилени контроли и итна реакција на терен. Тие имаат јасна задача – да го проверат однесувањето на трговците и да спречат какви било злоупотреби. Ќе инсистирам на транспарентност и ригорозни казни за сите кои ќе се утврди дека го изигруваат законот и ги злоупотребуваат граѓаните и добавувачите. Заедно ќе се спротивставиме на сите кои мислат дека ќе се богатат на наша сметка“, информира премиерот преку својот ФБ профил.

    Владата, посочува, е целосно посветени на борбата против неправедните трговски практики и злоупотребите кои директно влијаат на животниот стандард.

    „Поединечни трговци и трговски ланци се однесуваат неодговорно заработувајќи преку енормни цени на производи кои ги плаќаат граѓаните. Ова меѓу другото го разбирам и како напад врз сопствената држава, граѓаните и заедничкиот интегритет. Растот на цените ја нагласува потребата за одлучна, одговорна и транспарентна акција“, вели Мицкоски.

    Воедно, освен разбирање за револтот на граѓаните, вели дека нема да се толерира однесувањео на одделни трговци.

    „Во духот на солидарноста, го разбирам повикот за бојкот на маркетите, како чин на граѓански отпор против монополското однесување и општествената неодговорност на поединечни трговци. Имам јасни сознанија дека одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни профити на грбот на граѓаните. Ова е неприфатливо и нема да биде толерирано!“.

    Грижата за граѓаните продолжува, напиша Мицкоски, кој ги повикува институциите и трговците да бидат одговорни и да покажат почит кон народот:

    „Ќе се справиме со овој проблем и ќе направиме сè што е во наша моќ за да го заштитиме животниот стандард на сите наши граѓани! Во исто време, ќе продолжиме и со субвенционирање на најпогодените категории на граѓани за дополнително да ги минимизираме негативните ефекти од растот на цените.

    Ги повикувам сите надлежни институции, но и трговците, да се однесуваат со максимална одговорност и почит кон народот. Ова се времиња на чесност, фер игра и солидарност! Заедно ќе изградиме систем кој ќе биде во корист на сите, наспроти интересите на неколкумина кои сакаат да се богатат на маката на граѓаните!“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично