ПОВЕЌЕ

    ДОБРИТЕ И ЛОШИ СТРАНИ НА КРЕДИТНИОТ РЕЈТИНГ „ББ-“ со стабилни изгледи

    Време зa читање: 4 минути

    Рејтингот „ББ-“ со стабилен изглед е позитивен сигнал за стабилизацијата на макроекономските параметри на државата. Сепак, е и патоказ за тоа дека постои голем простор на кој треба да се работи и да се напредува, сметаат експертите и препорачуваат – за да се добие повисок рејтинг, земјата треба да се фокусира на зајакнување на институциите, на економска диверзификација, на намалување на јавниот долг и привлекување инвестиции. Сето тоа ќе придонесе за поголема доверба кај меѓународните кредитори. А, и граѓаните ќе имаат повисок животен стандард.

    Ваквите укажувања од стручната јавност се постојани, но деновиве причина е последниот извештај на „Стандард и Пурс“, со кој го потврди рејтингот на Македонија – „ББ-“, со стабилен изглед. Подлогата за тоа се растот на девизните резерви, забавената инфлацијата и банкарскиот систем, чија стабилност се зацврстува во континуитет.

    „Кредитниот рејтинг на ‘Стандард и Пурс’ е значаен индикатор за довербата на инвеститорите и меѓународната финансиска заедница во економската и финансиската стабилност на една држава“, посочуваат економистите. Нивото на девизните резерви упатува на способноста на државата да се соочи и да се справи со предвидливи и со непредвидливи надворешни шокови. Од типот на повисоки осцилации кај девизниот курс и платнобилансни кризи. Од Народната банка сметаат дека достигнатото ниво на девизните резерви од близу пет милијарди евра најмногу е резултат на откупот на девизи што го прави централната банка. А, тука се и парите од унгарскиот кредит, кои сѐ уште не се стигнати до стопанството. Како и да е, очекувањата на Агенцијата се дека тие и натаму ќе бидат стабилни, а ќе имаат поддршка и од странските директни инвестиции. Што претпоставува дека во перспектива земјата ќе ја задржи финансиската стабилност и ќе се одржува на ликвидни позиции.

    Граѓаните и стопанството имаат висока доверба во домашнниот банкарски систем, а кризите потврдија дека не се подложни на каков било дисбаланс во своето функционирање, односно способни се без поголеми внатрешни потреси да ги надминат неповолните моменти и периоди. Напротив, од година во година се сѐ посилни, што се согледува и во напредокот прикажан преку годишните финансиски извештаи, велат економистите. Најголемата потврда е во стапката на адекватност на капиталот, која е на историското ниво од 19 проценти. Како и на нефункционални кредити од 2,9 проценти. Ризикот секогаш е присутен, додаваат, но очигледно е дека македонските банки се внимателни во одобрувањето кредити, што се виде и во пристапот кон преговорите се Владата за унгарскиот заем.

    Највисоката стапка на инфлација од 19,8 проценти беше забележана во октомври 2021 година. Намалена е на 3,5 проценти, што според познавачите на состојбите, најмногу е заслуга на монетарната политика, која се прилагоди на условите. И, колку и да беше критикувана за претераната рестриктивност, беше соодветна. Според нив, влијаеле и владините мерки кои, сепак, не можеле да се ослободат од дозата популизам.

    Меѓутоа, „ББ-“ е релативно низок рејтинг. Спаѓа во категоријата на шпекулативните, односно земјата што ја добива таа оцена не се смета како сосема сигурен, односно безбеден избор за насочување на долгорочните инвестиции. Високите каматни стапки за задолжување се еден од најголемите предизвици поврзани со овој рејтинг.

    Исто така, велат експертите, покрај солидното ниво на девизни резерви и силниот банкарски сектор, севкупната економија и натаму не е отпорна на надворешните. „Видовме што се случи во Ковид-кризата, видовме како влијаат зголемувањата на цените на енергенсите, гледаме каков ефект предизвикуваат кај нас проблемите во германската економија“, се примерите што ги наведуваат. Оттаму, како долгорочни структурни предизвици се наведуваат недоволно диверзифицираната економија, релативно ниската продуктивност, примената на современа технологија, образованнието… или сето она што влијае врз економската стабилност, вклучувајќи го и факторот политика.

    Затоа и се потребни повисоки и одржливи стапки на раст, постигнати со привлекување што повеќе инвестиции, зголемување на извозот и технолошкиот напредок. Акцентот да е на иновациите, зелената енергија, на ИТ секторот. На додадената вредност и воопшто на технологиите и образованието. Исто така, нагласуваат, мора да се намалува јавниот долг со зголемување на фискалната дисциплина и кратење на буџетскиот дефицит, проследено со бескомпромисна пресметка со корупцијата.

    Добра е и важна за државата оваа оценка на „Стандард и Пурс“, со оглед на тоа што стабилниот изглед покажува дека не постојат основи кои би претпоставувале евентуални позначајни влошувања во економијата. Тоа, велат економистите, создава поголема сигурност кај инвеститорите.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично