Саудиска Арабија во четвртокот соопшти дека планира да ги прошири своите инвестиции и трговија со Соединетите држави за сума од 600 милијарди долари, а можеби и повеќе во следните четири години.
Ова се случи за време на првиот телефонски разговор меѓу престолонаследникот на кралството Мохамед бин Салман и американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја презеде функцијата во понеделникот, според официјалната саудиска агенција за печат (SPA).
Во него се вели дека принцот му честитал на Трамп за неговата инаугурација како претседател на САД и разговарале за билатералните односи и регионалните случувања.
Како што јави Анадолу, двајцата лидери разговараа и за начините за соработка меѓу двете земји „за промовирање на мирот, безбедноста и стабилноста на Блискиот Исток, покрај унапредувањето на билатералната соработка за борба против тероризмот“.
Бин Салман, исто така, ја потврди „намерата на кралството да ги прошири своите инвестиции и трговијата со Соединетите држави во текот на следните четири години, во износ од 600 милијарди долари, а потенцијално и повеќе од тоа“, додаде SPA. Сепак, не се елаборираше дополнително за природата на инвестициите со САД.
За време на неговиот прв мандат (2017-2021), Трамп го направи своето прво патување во странство во Саудиска Арабија, како одраз на топлите билатерални врски. Тој претходно им изјави на новинарите дека ќе ја повтори посетата на кралството доколку последното се согласи да купи американски производи во вредност до 500 милијарди долари.
(Фото: Анадолу)