ПОВЕЌЕ

    „ФАЈНЕНС ТИНК“: Мерките за ограничување на цените на храната обезбедуваат краткорочно здивнување од инфлацијата – цените зголемени за над 46%

    Време зa читање: 4 минути

    Во периодот од 2021 до 2024 година, нашата држава беше соочена со значителен раст на инфлацијата, предизвикан од повеќе фактори. Нарушувањата во синџирите на снабдување и притисоците на одделни пазари (како тој на масло за јадење), предизвикаа ценовни притисоци уште во втората половина од 2021.

    Според институтот за економски прашања и политики „Фајненс тинк“, главниот удар врз цените дојде по почетокот на Руската инвазија врз Украина кон крајот на февруари 2022, настан кој предизвика тектонски геополитички и економски поместувања, што имаше силен одраз врз растот на цените на енергенсите и основните суровини.

    – Споредено со ценовното ниво од почетокот на 2021 година, на крајот од 2024 година општото ниво на цени во нашата земја е повисоко за 35%, додека нивото на цените на храната за 46,8% – велат од институтот.

    Во одговор на инфлацискиот притисок, Владата воведе низа мерки за ублажување на негативните последици по потрошувачката и животниот стандард на населението. Преземените мерки во периодот 2021-2024 година се однесуваат на замрзнување на цените на одредени основни производи и/или ограничување на трговските маржи, со цел да се спречи натамошно покачување на цените.

    -Овие економски интервенции беа насочени кон стабилизација на цените и заштита на економската благосостојба на граѓаните во услови на глобални и домашни економски предизвици. Според нас, замрзнувањата на цените и маржите овозможиле намалување на трансмисијата на глобалните цени во домашната економија, кога тие биле во значаен пораст, но делувањето на преработувачите и трговците, особено на вторите, оневозможило трансмисија во обратната насока. Сепак, мерките за ограничување на цените на храната спасиле поголем обем од доходот кај подоходниот дел од населението. Оттука, наодите укажуваа на користење на овие мерки како исклучок – велат од „Фајненс тинк“.

    Целта на најновиот Бриф на институтот: „Има ли ефект од мерките за ограничување на цените на храната?“ е да направи проценка на краткорочните ефекти од мерките за ограничување на цените на храната воведени во периодот 2021-2024 Македонија.

    – Мерките за ограничување на цените на храната се сврзани со намалување на инфлацијата на цените на храната во рангот од 0.09 до 0.11 процентни поени. Оттука, мерките придонесуваат за намалување на инфлацијата, но имаат скромен агрегатен ефект. Мерките извршиле силен непосреден ефект, бидејќи оценетиоткоефициент на првиот месец со мерката се движи од 1,19 до 1,28 процентени поени пониска инфлација на цените на храната поради воведувањето на мерката. Просечната инфлација кај храната во периодите без примена на мерки изнесувала 0,5%, месец за месец.

    Иако мерките извршуваат најсилен очекуван ефект на намалување на цените на храната во првиот месец, тој ефект брзо се намалува веројатно заради прилагодувања на пазарната динамика (на пример, кај цени на алтернативни производи кои не се предмет на мерката). Според анализите, мерките за ограничување на цените на храната ја смируваат инфлацијата само привремено, бидејќи штом мерката престане да важи, цените повторно се зголемуваат. Позитивниот и статистички значаен инфлациски ефект во месецот по мерката се проценува на зголемување на инфлацијата во рангот од 1,1 до 1,28 процентни поени веднаш по завршувањето на мерката. Ова означува дека инфлацијата се враќа на динамиката од пред мерката, скоро во целост – пишува „Фајненс тинк“ во својата анализа.

    Според нив, заклучокот е дека мерките за ограничување на цените на храната обезбедуваат краткорочно здивнување од инфлацијата, особено во првиот месец од примената, но понатаму овој ефект исчезнува. Откако мерката завршува, динамиката на инфлацијата се враќа по старо, скоро во целост. Оттука, ефектот од мерката е само моментален, но тоа веројатно врши влијание врз подигање на инфлациските очекувања. Според тоа, Finance Think препорачува ваквите мерки да се користат само во исклучителни околности на многу висок раст на цените на храната, додека во останатите околности да се применат структурни мерки или мерки засновани врз пазарни принципи, за да се избегне временото потиснување на инфлацијата да доведе до идни нагли порасти.

    – Ваквите мерки може да се бараат долж следните интервнции на политиките: регулирање на синџирите на снабдување, зајакнување на конкуренцијата, поддршка на домашното производство и таргетирана помош за набавка на производи од храна – велат од Институтот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично