По повод Светскиот ден на штедењето – 31 октомври, во организација на Македонската банкарска асоцијација им беа доделени признанија на најдобрите банкарски службеници за 2024 – Александра Тасеска Бубевска и Билјана Маринческа од Стопанска банка АД Битола за нивната посветена работа и остварени резултати.
Стопанска банка АД Битола оваа година го награди ангажманот на своите најдобри службенички кои се истакнаа со својата посветеност и професионалност.
-Наградата за најдобар банкарски службеник за 2024 година ја добија овие две извонредни претставнички, кои вложија голем труд и залагање во насока на одлична услуга кон клиентите – истакнаа за порталот Пари од битолската Стопанска банка.
Прашани како се станува најдобар во својата професија и што за нив значи оваа награда, Маринческа изјави дека наградата, по повеќе од 10 години работа во СТББТ, за неа е доказ за нејзиното професионално залагање и труд, што претставува јавно признание за нејзината добра работа.
-Потенцијалот кој е препознаен и успехот кој го постигнав го прават ова признание уште повредно, не само за мене, туку и за тимот со кој работам. Ова признание е поттик за мене да продолжам да се развивам и да бидам поефикасна, мотив со кој гледам кон нови достигнувања – истакна Маринческа.
Тасеска Бубевска нагласи дека пред сè е благодарна на Стопанска банка Битола за наградата за најдобар службеник за 2024 година.
-Работата со клиенти е нешто во кое се пронајдов и ја работам со многу љубов. Кога се работи нешто што се сака, успехот е неминовен. Ме исполнува секојдневната работа со клиентите и нивното информирање. Благодарна сум на клиентите кои секојдневно покажуваат доверба во нашата банка – вели Тасеска Бубевска.
Од Стопанска банка АД Битола ја препознава и вреднува посветеноста и трудот на своите вработени, што се потврдува со ваквите награди и признанија.